Локвенец: Инвестиции во железницата за да ја вратиме на вистинското место

Постојните 700 километри пруга треба да се зголемат за 20 проценти со градбата на планираните нови 150 километри на источното и западното крило на Коридорот 8. Сето тоа, како што вели за МИА директорот на ЖРСМ Инфраструктура Хари Локвенец, е безначајно ако не инвестираме во постоечката инфраструктура и не ја доведеме блиску до максимален капацитет и квалитет.

 -На македонските пруги има прагови постари од половина век, а ова не е пример само во македонските железници, туку и во железниците од целиот регион, не само во земјите од Западен Балкан, туку и во земјите кои се членки на ЕУ. Квалитетот на самите пруги треба да биде еден од поголемите приоритети, зашто покрај сигнализацијата директно е поврзан со безбедноста и сигурноста, генерално на патниците, меѓутоа и на товарните возови кои поминуваат низ нашите пруги, вели Локвенец во интервју за МИА.

Свесен е дека фрапантно делува намалувањето на брзината на 20 километри на час на пругата кај Велес, но објаснува дека тоа е резултат на советите на експертите и инженерите кои работат долги години во Македонски железници Инфраструктура.

-Ваквата одлука е поврзана со информациите од машинското мерење на пругата, направени после многу долго време, после 10-годишна пауза, кои се немилосрдни и кои се исклучително точни. Заради важноста на  безбедноста и сигурноста на македонските граѓани и патници решивме да бидеме доволно одговорни, да се соочиме со реалноста, да ги покажеме вистинските податоци до јавноста и заеднички да се обидеме да го решиме овој проблем. Во овој момент можам да ви кажам дека непрекинато со сите човечки ресурси сме излезени на терен да ги подобриме оние места на кои можеме да добиеме побрз ефект на поголема должина како на одредени етапи би се зголемила брзината, меѓутоа во исто време поврзано со онаа информација која претходно ја споделив за староста на праговите, на огромен број прагови на македонските пруги, сметам дека покрај големото инвестирање во нови пруги  треба да инвестираме исто така и во реконструкција и рехабилитација на постоечките, објаснува Локвенец.

Целта со инвестиците во Железницата, како што посочува, е таа да се врати на вистинското место, да може да придонесува за поквалитетен живот на граѓаните и да биде помош на македонската економија и нејзината конкурентност.

-Очекувам дека за многу бргу ќе излезе на европскиот пазар. Конкурентноста подразбира дека една од варијаблите е квалитетен и евтин транспорт што железницата може да им го понуди на своите корисници, потенцира Локвенец.

Апелира на строго почитување на патната и железничката сигнализација од страна на возачите во патниот сообраќај, потенцирајќи притоа дека процедурите на железничкиот сообраќај се премногу строги и се следат.

-Во Македонија постојат 280 патни премини, од кои 80 се автоматизирани со браници и полубраници, а останатите 200 се обидуваме во следниот период преку грант од Инвестициската рамка на Западен Балкан да ги обезбедиме и добар дел од нив да ги опремиме со ваква патна сигнализација. Покрај тоа, Македонски железници сакајќи да го забрзаат преминот преку железничките пруги на вкрстувањата на железничкиот и патниот сообраќај во моментов се во фаза на инсталирање на гумени подлоги на патните премини како би ги изгубиле оние бавни возења на автомобилите и на други превозни средства преку железничките премини заради лошата кондиција на тие премини и на таков начин би добиле побрз премин преку нив, побрз проток на возила, како дел од зголемувањето на безбедноста во сообраќајот, вели Локвенец.

По повторниот старт на активностите на првите две делници од пругата кон Бугарија, каде вели дека има евидентен прогрес, најавува избор на изведувач и за третата фаза до крајот на годинава.

Во завршна фаза е подготовката на тендерската документација за надзорен инженер и за техничка помош,  како и за градба за последните 24 километри од железничкиот Коридор 8 кон Бугарија.  До крајот на годината очекуваат и заокружување на експропријацијата. Ги послушале, како што вели, сугестииите на граѓаните на Крива Паланка за пристапните патишта кон железничката станица во овој град и предложените 50 куќи за раселување и уривање од страна на проектантот, се намалени на 16.

-Делот на експропријација во самата Крива Паланка, плански го одложивме за неколку месеци, очекуваме дека во следните неколку месеци ќе бидеме готови во целост со документацијата потребна за овој тип на активности и оти  до крајот на годината или до почетокот со градба на овој инфраструктурен проект во целост ќе ја завршиме експропријацијата на целата трета делница во должина од 24 километри, најавува Локвенец.

Треба да знаете
Последни објави