Новиот претседател на Црна Гора, Јаков Милатовиќ за телевизијата Нова изјави дека европскиот пат на Црна Гора е неспорен и дека надворешната политика – врз основа на потпишаните меѓународни договори – нема да се промени.
На новинарско прашање дали тоа значи дека не е реално да се очекува повлекување на признавањето на Косово, Милатовиќ рече дека „ова е јасно“.
-Ние поддржуваме се што ќе се договорат Белград и Приштина. Мислам дека нормализацијата на односите меѓу Белград и Приштина е важна за сите земји во регионот, а Црна Гора сака да биде добар сосед кој ќе ги унапредува добрососедските односи“, рече Милатовиќ.
Во вториот круг од изборите во недела, на 2 април, Милатовиќ го победи поранешниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ, со што стави крај на децениското владеење на Демократската партија на социјалистите во Подгорица.
Во претходните изјави за медиумите тој потврди дека ја поддржува регионалната иницијатива Отворен Балкан, на која Црна Гора во моментов не припаѓа.
Милатовиќ рече дека верува оти иднината на Западен Балкан е европска и дека Црна Гора може да биде важен партнер таму.
Црна Гора може да игра важна улога – како локомотива која може да биде прва што ќе влезе во ЕУ – и да ги притисне, исто така, сите земји од Западен Балкан да ни се придружат“, рече тој.
Во интервју за Асошиејтед Прес, Милатовиќ рече дека еден од главните надворешнополитички приоритети ќе биде забрзување на членството на земјата во ЕУ и дека се надева дека Црна Гора ќе стане членка на ЕУ во следните пет години.