Претседателот Стево Пендаровски го оцени како скандалозно барањето од страна на Софија да учествува во процесот на уставни измени на земјава, откако бугарскиот министер за надворешни работи Николај Милков вчера кажа дека Бугарија би сакала да биде вклучена и консултирана во постапката за впишување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, по што македонското МНР излезе со реакција дека дека процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на земјава, кое како обврска е поврзано со пристапните преговори за членство во ЕУ.
-Барањето од Софија е скандалозно. Такви барања не упатуваат ниту окупаторите кон земјите, териториите или државите кои ги окупираат. Во 21-ви век е апсурдно непримерено да барате да се мешате во внатрешните политички и уставно-правни процеси на која било држава. И мислам дека во таа смила нашиот одговор преку МНР вчера беше на место, дециден е Пендаровски.
Во одговор на новинарско прашање, вели дека концептот околу мнозинства и малцинства во Република Северна Македонија е надминат, таа дебата е надмината и завршена со Рамковниот договор во 2001 година.