Околу 570.000 луѓе протестираа денеска во Франција, вклучително и 57.000 во Париз, на 11-тиот ден од протестите против пензиските реформи, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Бројот на демонстранти е многу помал од претходните протести на 28 март, кога властите избројаа 740.000 демонстранти во Франција, од кои 93.000 во Париз.
Инциденти денеска имаше во Рен и Марсеј.
Во Париз инцидент се случи пред ресторанот „Ротонд“ (La Rotonde), каде францускиот претседател Емануел Макрон во 2017 година го прослави влегувањето во вториот круг од претседателските избори.
Членови на граѓанското движење Жолти елеци исто така направија инциденти пред тој ресторан за време на протестот во 2020 година.
На 20 март, француската Влада усвои закон за пензиските реформи користејќи го уставното право да го заобиколи парламентарното гласање.
Следен чекор е изјаснувањето на Уставниот совет кој на 14 април ќе го изнесе својот став за уставноста на законот.
Реформата, меѓу другото, предвидува подолг работен век од две години, пензија на 64, наместо на 62 години, на што се противат граѓаните.