Ромите остануваат најзагрозена и економски најранлива заедница во Република Северна Македонија. И годинава, како и претходните години, на тоа нѐ потсетуваат меѓународните организации меѓу кои и Европската комисија. Има декларативни и афирмативни заложби за поголема видливост на Ромите на сите нивоа, но реално многу сме далеку од иста стартна основа со останатите заедници во нашето општество, истакна пратеничката Љатифе Шиковска на одбележувањето на Светскиот ден на Ромите – 8 Април во Собранието.
Шиковска, која е и претседателка на Интерпартиската парламентарна група за поддршка на правата на Ромите, нивна инклузија и интеграција во државава (ИППГ), во своето обраќање укажа дека и денес сѐ уште има случаи на протерување, двојни стандарди, расистички напади, дискриминација, нееднакво третирање, стереотипи.
Таа ги пренесе очекувањата на Ромите од земјава во какво општество сакаат да живеат и проблемите што бараат да се елиминираат – во образованието, здравството, социјалната заштита, комунални услуги, инфраструктура, домување, превоз, поддршка на ромската култура и традиција итн. – области кои, како што рече, се предизвици три децении.
-Да се овозможи Ромите да се вработени во државната и јавната администрација и на поголем број раководни позиции. Процентот на Роми кои бараат работа, а посебно младите до 30 години, е еднаков со барателите на работа од останатите заедници. Првенствено и важно е да има правична застапеност на сите нивоа… Потребно е да се обезбеди нулта толеранција за секаков вид дискриминација врз Ромите, рече Шиковска и додаде дека е потребно зголемување на буџетот на централно и локално ниво за директна поддршка на ромската заедница.
Светскиот ден на Ромите им го честиташе претседателот на Собранието Талат Џафери кој во говорот истакна дека одбележувањето е признание и потврда од државата, институциите и од сограѓаните дека Ромите се неизоставен дел во општеството.
Посочи на целите и постигнатите резултати со усвоената Национална стратегија за Ромите 2022-2030 која, како што рече, е дел од јавните политики за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на ромската заедница со сите етнички заедници.
-Се разбира дека треба да се продолжи со инвестирање… Не можеме да ги затвориме очите пред нееднаквоста, пред нивното останување надвор од системот зашто тоа ќе ни се врати како бумеранг… Искоренување на сиромаштијата, еднаков пристап до образование, здравство, социјално згрижување, исти шанси за вработување и напредок во кариерата и за нашите сограѓани Роми ќе биде придонес и во одржливите развојни цели на Обединетите нации, како и во делот на унапредување на човековите права, истакна Џафери со порака дека треба да се работи многу повеќе за подигнување на граѓанската свест за сограѓаните Роми за да се превенираат и отстранат предрасудите и дискиминацијата.
На одбележувањето се обрати и пратеничката Арбана Пашоли, претседателка на собранискиот Комитет за односи меѓу заедниците, беа прикажани видеопораките за годинашното одбележување на Светскиот ден на Ромите од генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, и претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, и доделени плакети на организации и поединци за придонес во процесот на интеграција на Ромите во Северна Македонија.