Азески – Филипиду: Инфраструктурата во целиот регион е клучна за бизнис секторот

Претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески денеска оствари средба со амбасадорката на Република Грција Н.Е. Софија Филипиду. На работниот состанок учествуваа и извршниот директор на Комората, Антони Пешев, како и оперативната директорка Билјана Пеева Ѓуриќ.

Во фокусот на разговорот беше економската соработка помеѓу двете земји, но и пошироко во целиот регион, со акцент на инфраструктурата која е клучна за бизнис секторот.

Претседателот Азески ја искористи можноста да потенцира дека за стопанството е важно да се зголеми протокот преку железницата и солунското пристаниште, да има редовни авионски линии со Република Грција, а енергетската криза покажа и дека во функција треба да се стави нафтоводот Скопје-Солун, кој со години не работи.

На работната средба Азески ја запозна амбасадорката Филипиду со активностите на Коморскиот инвестициски форум (КИФ), кој го претставува гласот на приватниот сектор од шестте земји на Западен Балкан, при што нагласи дека треба да се даде приоритет на зголемување на извозот, регионалната соработка и заеднички настап на компаниите од овие земји на трети пазари.

Се дискутираше и за улогата на Стопанската комора во поврзување на регионалните комори од двете земји, можноста да се зголеми соработката со цел да се искористи искуството на нашите соседи за едукација на македонските компании при користењето на ЕУ фондовите, како и мапирање на важни саемски манифестации во Република Грција каде компаниите од регионот преку КИФ ќе може да настапат заедно.

Амбасадорката Филипиду срдечно се заблагодари за реализацијата на средбата и искажа подготвеност за уште позасилена соработка и продлабочување на економските односи помеѓу двете земји за потполно искористување на потенцијалот кој го имаме.

Треба да знаете
Последни објави