Поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони (86 г.) од вчера е сместен на интензивна нега во Одделот за кардиологија во миланската болница „Сан Рафаеле“. Повикувајќи се на неименувани извори Ројтерс објави дека Берлускони заболел од леукемија, а во болница е примен поради проблеми со срцето и дишењето.
Како што објавува италијанската новинска агенција АНСА, неговата моментална состојба е „стабилна“.
„Тој е примен на интензивна нега бидејќи проблемот предизвикан од инфекција не е решен, но е контактибилен“, изјави министерот за надворешни работи Антонио Тајани, долгогодишен сојузник на Берлускони.
Берлускони, кој четири пати ја извршуваше функцијата премиер, во последниве години постојано има проблеми со здравјето и многу често е хоспитализиран.
Во 2016 година имаше операција на срцето, а сè уште се бори и со рак на простата. Откако во 2020 година прележа ковид, постојано е приман на болничко лекување поради низа здравствени проблеми
Инаку, животот на Силвио Берлускони, кој заработи богатство преку своите телевизиски канали пред да влезе во политиката, е преполн со скандали, без разлика дали станува збор за жените или политиката. Се повлече од премиерската функција за последен пат во 2011 година, бидејќи Италија беше блиску до должничка криза во грчки стил, а него го оптоварија и сопствените скандали.
Тој беше вратен во Сенатот на италијанскиот парламент по општите избори во септември. Во јануари 2022 година, Берлускони го повлече своето име од разгледувањето да биде претседател на Италија. Берлускони во последниве месеци предизвика контроверзии со неговите критики кон украинскиот претседател Володимир Зеленски, ставајќи го во судир со премиерката Џорџа Мелони.
Италијанскиот суд го ослободи Берлускони во февруари од обвиненијата дека плаќал сведоци да лажат во случајот со малолетничка проституција што го мачеше поранешниот премиер повеќе од една деценија. Берлускони беше обвинет за поткуп на 24 лица, главно млади гостинки на неговите таканаречени Бунга Бунга забави, за време на претходното судење во кое беше обвинет дека и платил на 17-годишна мароканска танчерка во ноќен клуб за секс.
Пред точно една година се ожени со преубавата 32-годишна Марта Фасчина, тоа за него беше втор официјален брак.