Мажите од Авганистан кои работат за Обединетите нации во Кабул ќе останат дома во знак на солидарност со своите колешки, откако талибанците им забранија на Авганистанките да работат за оваа глобална организација, изјави висок претставник на ОН.
Рамиз Алакбаров, заменик специјален претставник на ОН, постојан и хуманитарен координатор за Авганистан, одлуката на талибанците ја нарече „кршење на човековите права без преседан“.
„Во прашање се животите на авганистанските жени“, рече тој и додаде дека меѓународниот персонал на ОН во Авганистан ќе остане на своите позиции.
ОН соопштија дека талибанците ги информирале Авганистанките дека повеќе не им е дозволено да работат за ОН во Авганистан и дека мерката активно ќе се спроведува.
Неколку жени од персоналот на ОН во земјата веќе искусиле ограничувања на движењето откако талибанците ја презедоа власта во 2021 година, вклучително и вознемирување и притворање, што ги натера ОН да му наредат на својот авганистански персонал, од сите полови, да не влегува во канцеларијата до понатамошно известување, се наведува во соопштението.
Специјалната пратеничка на генералниот секретар на ОН за Авганистан, Роза Отунбаева соработува со талибанците на највисоко ниво за да побара итно укинување на наредбата, се додава во соопштението.
ОН наведуваат дека потегот на талибанците е продолжување на претходната забрана, која стапи на сила минатиот декември, со која им се забрануваше на авганистанските жени да работат за национални и меѓународни невладини организации.