Барселона синоќа го доживеа најтешкиот пораз на домашен терен во Ел Класико од 1963 година. Реал победи на „Ноу Камп“ со 4:0 и со вкупен резултат 4:1 избори пласман во финалето на Купот.
Барселона донесе одличен резултат од Мадрид (триумф од 1:0), имаше голема шанса да го „нокаутира“ својот најголем ривал во реванш полуфиналниот натпревар од Копа дел Реј, но на свој терен ја почувствува „кралска класа“.
-Тие се актуелни шампиони во Ла Лига и Лигата на шампионите и тоа не смееме да го заборавиме. Ако не го убиеш Реал, тогаш тој те убива тебе, изјави тренерот на Барса, Чави Ернандез за „Ас“ по натпреварот.
Поранешниот легендарен фудбалер на овој клуб смета дека Барса мора да учи од грешките, но дека синоќешниот кошмар не му бил најлошата ноќ откако ја презел „Блауграна“.
„Имав полоши ноќи, кога не можевме да се натпреваруваме, и мораме да се потсетиме каде бевме минатата сезона. Ако сакате да ја освоите лигата, треба да го победите Реал, а оваа сезона покажавме дека сме конкурентни. Во првото полувреме бевме многу добри. Требаше да го прекинеме нивниот контранапад за првиот гол. А потоа нивниот втор гол веднаш по стартот на второто полувреме нè „уби“. Мора да бидеме самокритични и да продолжиме понатаму, додаде Чави.
Барселона за реваншот не можеше да смета на четворицата стандардни играчи- Андреас Кристенсен, Френки Де Јонг, Педри и Усман Дембеле, но Чави не сакаше да го искористи нивното отсуство како резултатско оправдување.
Битката во Купот е изгубена, но Чави и Барса се на добар пат да ја вратат шампионската круна на „Ноу Камп“ – моментално имаат 12 бода повеќе од Реал на врвот во Ла Лига.