Кина: Брисовите позитивни на корона содржеле генетски материјал од диви животни

Истражувачки тим во Кина објави анализа на пазарни примероци земени пред повеќе од три години и поврзани со појавата на коронавирусот, во која наведува дека брисовите што биле позитивни на вирусот содржеле генетски материјал од диви животни.

Пазарот за морска храна и диви животни Хуанан е во центарот на истрагата за потеклото на коронавирусот, објави денеска Би-би-си.

Како што е наведено, тоа е прва рецензирана студија за биолошки докази собрани од пазарот уште во 2020 година, а објавена е во списанието „Натура“.

Поврзувањето на коронавирусот со животни што се продаваат на пазарот може да отвори нови линии на истрага за тоа како почна епидемијата.

Некои научници наведуваат дека ова е уште еден доказ дека болеста првично се пренесувала од заразено животно на човек.

Друга група научници повика на претпазливост во толкувањето на наодите. Тие се фокусираа на сугестијата дека вирусот случајно излегол од лабораторија во Вухан.

Кинескиот истражувачки тим објави рана верзија на нивната студија на интернет во февруари, но не ги објави целосните генетски информации содржани во примероците собрани од пазарот.

Друга меѓународна група истражувачи подоцна сподели своја сопствена процена за она што го открија тие клучни брисови на пазарот откако ги видоа генетските секвенции објавени на веб-страница за размена на научни податоци.

Кинеската анализа покажа дека животните за кои се знае дека се подложни на вирусот, особено ракуните, биле продавани живи на тие локации.

Сепак, кинеските истражувачи нагласија дека нивните наоди не даваат дефинитивен доказ за тоа како почнала епидемијата.

„Овие еколошки примероци не може да докажат дека животните биле заразени“, се вели во кинеската студија.

Во студијата се посочува дека останува можноста вирусот на пазарот да е внесен од заразено лице, а не од животно.

Професорот Дејвид Робертсон од Универзитетот во Глазгов, епидемиолог кој е вклучен во генетско истражување за потеклото на САРС-КоВ-2 од неговото појавување во 2020 година, изјави за Би-би-си дека најважно е што овој многу важен збир на податоци сега е објавен и информациите се достапни за другите научници оценувајќи дека студијата обезбедува убедливи докази дека животните, најверојатно, биле заразени со вирусот.

Објавените наоди доаѓаат во услови на растечко верување во САД дека коронавирусот излегол од лабораторија во Вухан.

Кинеската влада категорично ги негира сугестиите дека вирусот потекнува од научен објект, но Федералното биро за истраги (ФБИ) рече дека сега верува оти ова сценарио е најверојатното, а американското Министерство за енергетика го повтори истото мислење.

Треба да знаете
Последни објави