Пред Уставен суд се собраа незадоволни граѓани поради овозможеното енормно зголемување на платите за функционерите во услови на економска криза кога со вонредни непопуларни мерки се прават напори да се ублажи ценовниот шок. Уставниот суд со укинување на два члена од Законот за плати и надоместоци на функционери овозможи зголемување на платите за овие лица дури и до 78 отсто. Од најавите дека ова неразумно покачување на платите во вакво економско невреме нема да биде дозволено нема никакви конкретни чекори. Молк и од Владата и од Собранието.
Протестот го организира партијата „Демократи“.
„Уставниот суд експресно донесе одлука да се зголемат платите на сите функционери (претседателот, премиерот, министрите, замениците министри, пратениците, градоначалниците, директорите на државните институции и агенциите, судиите, вклучувајќи ги и уставните судии кои го донесоа Законот) од следниот месец во просек за неверојатни, астрономски 78 %!
Одлуката на судиите од Уставниот суд, да се зголемат платите на сите функционери во просек за неверојатни, астрономски 78 %, вклучувајќи ги и оние на самите себе, е навредлива за граѓаните, невкусна, срамна и експресно донесена!
Да се покачат платите на функционерите за неверојатни, астрономски 78 % во време на катастрофална економска криза, во време во кое граѓаните стануваат сѐ посиромашни, живеат помизерен живот и со секој изминат ден сѐ повеќе страдаат за парче леб, е невидена пљачка на народниот буџет!
ДЕМОКРАТИ сметаат дека оваа срамна одлука на Уставниот суд е погрешна и бараме ИТНО да ја повлече!“, соопштија од Демократи.