Силувач и убиец кој побегнал од јужноафрикански затвор лажирајќи ја сопствената смрт е уапсен во Танзанија. Табо Бестер е на слобода една година откако се мислеше дека умрел како последица од самозапалување во затворската ќелија.
Потрагата започна минатиот месец, откако новата обдукција откри дека телото всушност не е негово.
Бестер вчера беше фатен со својата девојка и третоосомничениот и ќе биде екстрадиран во Јужноафриканската Република. Полицијата соопшти дека верува дека триото имало намера да побегне во соседна Кенија, пишува Би-би-си.
Бестер е познат како „силувачот од Фејсбук“, бидејќи ја користел социјалната мрежа за намамување жртви. Во 2012 година, тој беше осуден за силување и убиство на неговата девојка, моделот Номфундо Тихулу. Една година претходно, тој беше прогласен за виновен за силување и грабнување на две други жени.
Во мај беше објавено дека тој бил пронајден мртов во својата ќелија откако наводно се самозапалил во затвор во градот Блумфонтејн. Сепак, локалните медиуми почнаа да се сомневаат во смртта на Бестер на крајот од минатата година.
Во март, полицијата отвори нова истрага за убиство, откако дополнителните тестови покажаа дека починатиот не е Бестер и дека неидентификувано лице починало откако било удрено со тап предмет по главата.
Вработените во британската безбедносна компанија G4S, која го води затворот во кој се наоѓаше Бестер, се обвинети дека му помогнале да избега. Соопштено е дека тројца вработени добиле отказ.
Неколку луѓе пријавиле дека го виделе Бестер во текот на минатата година. Некои од нив тврдеа дека купил намирници во богато предградие на Јоханесбург и дека живеел таму во изнајмена вила.
Бегството на Бестер предизвика бес во Јужна Африка, која има една од највисоките стапки на сексуални напади во светот.