Ракета истрелана од територијата контролирана од Украина е соборена над градот Феодосија на Крим, кој е под руска контрола, соопшти денеска шефот на администрацијата на Крим.
Русија го анектира Крим во 2014 година, откако промосковскиот претседател беше соборен поради масовните улични протести. Киев вети дека ќе го врати полуостровот на Црното Море заедно со остатокот од украинската територија под руска окупација.
– Проектил лансиран од Украина беше соборен над Феодосија, напиша Сергеј Аксјонов на Телеграм, но не наведе детали за проектилот.
Феодосија се наоѓа во источниот дел на Крим, и е на речиси 300 километри од најблиската област под украинска контрола. Не е познато дека Киев поседува ракети од тој дострел и засега не соопшти ништо за случајот.
Советникот на Аксјонов, Олег Крјучков, рече дека делови од проектилот паднале врз градот на Крим, но оти нема информации за штети или жртви, јави руската новинска агенција Тасс.
Руските власти на Крим претходно ги обвинија украинските сили за напади со дронови, но Киев се воздржува од преземање одговорност.
Американските ракети Химарс што ги користи Украина имаат дострел од 80 километри. Вашингтон вети испорака на наведувачки паметни бомби ГЛСДБ со дострел од 150 километри, но Киев сè уште не потврдил дека ги примил.
Русија на крајот од минатиот месец соопшти дека за првпат соборила проектил ГЛСДБ истрелан од украинските сили, но не ја откри локацијата.