Со впечатлив слоган и брендинг, СДСМ започна масовна теренска кампања насловена „рамо до рамо до победа“
Тимови на СДСМ ќе посетат 946 населени места низ државата, порача лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски на старт на кампањата.
Аеродром, Карпош, Кисела Вода, Бутел, Ѓорче Петров, беа првиот ден од општините што беа на агендата на посети, а тие според најавите од Бихаќка, ќе продолжат и во месеците што доаѓаат.
Ковачевски и социјалдемократите велат дека оваа акција не е почеток на кампања, туку редовна партиска активност.
И додека СДСМ со голема помпа тргна на терен од нивните најголеми противници, ВМРО-ДПМНЕ одамна има најава дека и таа партија започнува своја мини кампања под мотото „Заедно со народот“
Иако генералниот секретар на партијата уште пред неколку недели ја најави активноста, сепак на официјалните канали за комуникација на партијата не може да се забележи дека „стотици тимови на партијата се на терен“ како што стоеше во најавата.
Наместо посети на тимови, секојдневни се посетите на Христијан Мицкоски на општини раководени од ВМРО-ДПМНЕ како и прес-конференции на партиски функционери, кои се редовни партиски активности.
Дали почетокот на активноста на СДСМ ќе предизвика реакција на ВМРО-ДПМНЕ и дали оваа партија ќе има свој пандан на црвените елечиња на СДСМ останува да видиме во периодот пред нас.