Активист ги открил тајните гробишта на групата Вагнер, ги избројал мртвите и морал итно да побегне од Русија поради закани

Рускиот активист Виталиј Вотановски, кој ги откри деталите за погребите на платениците на руската паравоена група Вагнер, убиени во Украина, мораше да избега од Русија поради постојаните смртни закани. Виталиј ја документирал смртта на руските платеници во Украина со шпионирање на гробиштата, а информациите што ги презентирал оставиле многумина во шок.

Секогаш кога доаѓал на гробиштата, имало двојно повеќе мртви. Официјалниот број на загинати се уште е таен, но според проценките на американските и европските официјални лица, бројот на загинати е значително поголем од 60.000. Активистот од јужниот руски регион Краснодар беше уапсен и затворен на 24 февруари 2022 година, денот на руската инвазија на Украина. Тој ден тој излезе на протест облечен во облека со натпис „Не за Путин! Без војна!”.

– Поради тој капут добив 20 дена затвор – изјави Виталиј за Би-би-си од главниот град на Ерменија.

Но, Виталиј во Краснодар не е познат по улични протести, туку по документирање на гробовите. Тој беше првиот човек што ги откри сега познатите гробишта во малото село Бакинскаја во Краснодарскиот регион, оттогаш познати како гробишта Вагнер. Ова е местото каде што платеничката група закопува многу од своите загинати во Украина – луѓе кои или немаат роднини или чии идентитети се непознати.

Во последните неколку месеци, гробиштата од мали селски гробишта прераснаа во огромни гробишта со неколку нови зони за погребување на се поголемиот број загинати. Сега чувари патролираат низ објектот. Во четвртокот, шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин ги посети гробиштата и рече дека планира да ги претвори во споменик, признавајќи дека гробиштата се прошириле, додавајќи: „Таков е животот“.

Виталиј почна да патува низ Краснодарската територија во мај 2022 година, посетувајќи ги сите гробишта за да го забележи бројот на загинати: – Морав да им докажам на луѓето дека се случува катастрофа, дека луѓето умираат тука, блиску до нив. Требаше да им покажам на луѓето дека војната ќе влијае врз секого и на се – рече Виталиј.

Тој педантно ги запишал имињата и деталите на сите гробови што ги нашол. До моментот кога тој избега од Русија на почетокот на овој месец, неговата база на податоци содржеше повеќе од 1.300 имиња – во кои беа вклучени само мртвите од Краснодарската област.

Виталиј ги идентификувал гробовите на луѓето кои загинале во војната прашувајќи ги локалните жители, како и проучувајќи ги венците и фотографиите на гробовите. – Кога бевме таму за прв пат, веќе имаше 48 гробови на Вагнер. Потоа, следниот пат кога дојдовме, неколку дена подоцна, имаше 95 гробови. Потоа 164. Потоа околу 270 – објаснува тој.

Виталиј постојано се враќал за да ги документира бројките и имињата на загинатите. Тој тврди дека е очигледно дека се работи за затвореници и платеници, кои биле регрутирани од затворите. – Факт е дека загубите на Русија на бојното поле се зголемија многукратно од декември 2022 година – вели Виталиј.

Неколку западни разузнавачки агенции тврдат дека на руската војска ѝ недостасуваат луѓе. Минатата година, претседателот Путин најави делумна мобилизација во Русија – стотици илјади луѓе беа повикани во вооружените сили и испратени на линијата на фронтот во Украина.

Последниот официјален број на загинати дадени од руската војска беше објавен во септември 2022 година, кога министерот за одбрана Сергеј Шојгу рече дека 5.937 војници загинале во Украина. Проценките за вкупните загуби варираат, но повеќето американски и европски официјални лица велат дека бројот на загинати на руска страна е над 60.000.

Треба да знаете
Последни објави