Адвокатот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, Џим Трасти, денеска изјави дека е фокусиран на отфрлање на неодамнешното обвинение против Трамп, а не на агресивната реторика на неговиот клиент за судијата и обвинителот на Менхетен.
– Мислам дека предлозите за отфрлање мора да бидат приоритет бидејќи на почетокот ја „ампутираат“ оваа правна грешка – изјави Трасти за Еј-би-си.
Прашан што мисли за нападот на Трамп врз судијата Хуан Меркан, неговото семејство и окружниот обвинител Алвин Браго, што доведе до тоа Трамп во вторникот да биде предупреден пред судот да внимава на своите зборови, Трасти рече дека тој лично не сака да се приклучи на критиките.
– Нема да се грижам премногу, ниту ќе се обидам да ја контролирам политичката ситуација во овој момент – додаде Трасти.
На Трамп му се суди во Њујорк под обвинение дека ја поткупил со пари за ѕвездата на филмови за возрасни Сторми Даниелс да не излезе во јавност пред изборите во 2016 година и да не зборува за нивната наводна врска.