Хил: Конкретна реализација на договорите меѓу Белград и Приштина е најтешкиот момент

Ниту договорот од Охрид ниту другите договори меѓу Белград и Приштина не се постигнати лесно, но сега е дојден моментот кога се очекува и нивна конкретна примена, изјави денес амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил. Како што пренесува „Данас“, Хил посочи дека имплементацијата на тие договори не е само клучниот, туку и најтешкиот момент.

„Што се однесува до договорот од Охрид и другите договори, ни за миг не сум рекол дека тоа е нешто лесно и дека ќе биде лесно, но сметам дека дојдовме до клучниот момент во смисла дека треба да се очекува да се случи нешто во насока на имплементација. Тоа е тежок момент, но сметам дека е и момент полн со надеж“, вели Хил.

Американскиот амбасадор исто така посочи дека прашањето на Косово треба да се разгледува како регионално прашање во контекстот на „Отворен Балкан“. Како што вели Хил, земјите од Западен Балкан соработуваат во таа иницијатива.

„Мислам дека тоа е дел од процесот што ќе ја одведе Србија кон зголемена соработка и, на крајот од краиштата, кон нејзино членство во ЕУ. САД силно го поддржуваат процесот на соработка во рамките на ‘Отворен Балкан’ и членството во ЕУ“, истакна Хил.

Претходно минатата недела, Хил изјави за „Евроњуз“ дека сите сфаќаат оти доаѓа клучен момент во дијалогот во Брисел за идната спогодба за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина додавајќи дека таа е, дефинитивно, добра за Србија, но и за Косово, и дека е оптимист по тоа прашање.

„Главното прашање за Србија, и сметам дека е тоа позитивен тренд, што преговара со ЕУ. Додека преговара со Косово, Србија практично преговара со ЕУ за активностите на кои ќе се обврзе кон Унијата“, рече тој.

Хил нагласи дека и покрај спротивставените заклучоци на преговарачите во дијалогот, јасно е дека ќе дојде до спроведување на некои од клучните прашања, меѓу кои е и што побрзо формирање на заедницата на српски општини (ЗСО) во Косово на што инсистираат не само Србите, туку и ЕУ и САД.

На прашањето дали ЗСО ќе се формира набргу и дали ќе се заснова на бриселскиот договор или исклучиво на последниот договор од Охрид, Хил истакна дека рамката за ЗСО е бриселскиот договор од 2013 година.

„Иако преговорите се тешки, суштината е во деталите, а ги има многу. Имаме јасно насоки зашто од бриселскиот договор од 2013 година знаеме како ќе изгледа таа заедница. На крајот на тој процес ќе биде јасно на кој начин треба да гледаат кон иднината Србите што во моментот живеат во Косово во многу тешки услови,“ нагласи тој.

Треба да знаете
Последни објави