Трамп: Русија не го разнесе својот гасовод

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека Русија не е одговорна за експлозиите на „Северен тек“ во септември минатата година и навести дека САД би можеле да бидат вмешани во инцидентот, пишува „Индепендент“.

„Не сакам да ја доведам нашата земја во неволја, затоа нема да одговорам“, му рече Трамп на водителот на „Фокс њуз“, Такер Карлсон, на прашањето за експлозиите на гасоводот.

„Можам да ви кажам кој не беше – Русија“, рече Трамп.

Гасоводите „Северен тек 1 и 2“ беа уништени во септември минатата година со серија експлозии, кои, според сите извештаи, несомнено беа намерно предизвикани.

Ниту еден од четирите гасоводи не беше активен во тоа време – „Северен тек 2“ поради санкции и „Северен тек 1“ затоа што Русија претходно го затвори наведувајќи ги како причина дефектите што не може да ги поправи поради санкциите – но тие сè уште беа полни со гас. Данска и Шведска потврдија дека експлозиите биле со јачина од 2,3 и 2,1 степена според Рихтеровата скала.

Истражителите во Шведска и Данска, земјите во чии ексклузивни економски зони се случија експлозиите, потврдија само дека експлозиите на двата гасовода „Северен тек 1“ и еден од двата гасовода „Северен тек 2“ биле резултат на саботажа, но не кажаа кого го сметаат за одговорен. Москва ги отфрли обвинувањата дека стои зад експлозиите и се обидува да го обвини Западот.

Трамп вели дека руско-украинската катастрофа никогаш не требало да се случи и, дефинитивно, немало да се случи да бил тој претседател.

„Не влошувајте ги работите со експлозија на гасоводи. Бидете стратешки, бидете паметни, склучете договор сега. И двете страни имаат потреба и сакаат. Целиот свет е доведен во прашање“, додаде тој.

Треба да знаете
Последни објави