До крајот на месец мај, жителите на улиците “Корџевска” и “Домазетовска” и “Мишевска” во селото Драчево ќе добијат квалитетна вода за пиење, со што ќе се надмине проблемот со кој се бореа децении наназад. Општина Кисела Вода денес започна со реконструкција на постојниот застарен водоводен систем на овој потег. Граден пред повеќе од 60 години, тој нема можност за кружно движење на водата низ цевките, со што таа се заматува и загадува, и е непогодна за употреба. Се работи за градежен зафат во должина од околу 1400 метри. По завршувањето на активностите поврзани со водоводната мрежа, овие улици ќе бидат целосно асфалтирани. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски кој денес присуствуваше на започнувањето на градежните активности, истакна дека ова е зафат кој е неопходен и кој не смеел да чека досега, но дека интензивно работи на надминување на ваквите недзволиви проблеми не само на оваа, туку и на сите остaнати локации низ општината.
-Неприфатливо е во 21-виот век наши жители да немаат квалитетна вода за пиење. Уште понеприфатливо е тие десетици години да алармираат и да молат за решение, а за нивните барања никој да нема слух. Како што им ветив, денес започнуваме со решавање на овој горлив проблем. Градежните зафати на улиците “Корџевска”, Домазетовска” и “Мишевска” се во должина од 1400 метри. Опфаќаат реконструкција на постојната мрежа градена во 60-тите години на минатиот век. Дополнително, на крак од улицата “Корџевска” ќе изградиме нов дел од водоводна мрежа со што, согласно насоките од ЈП “Водовод и Канализација”, ќе се овозможи кружно движење на водата, па таа повеќе нема да биде заматена и загадена. Финализацијата на овој зафат вклучува целосно асфалтирање на сите споменати улици. До крајот на следниот месец и жителите од овој дел на селото Драчево ќе добијат современи и достоинствени услови за живење, а Општина Кисела Вода ќе продолжи со реализација на вакви проекти кои имаат суштинско значење и одамна требало да бидат ставени на листата сo приоритети на делување-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.
Инаку, пред само еден месец Општина Кисела Вода, инвестираше во изградба на нова водоводна мрежа во месноста Порупи во селото Драчево, долга 1480 метри. На квалитетна вода за пиење, жителите на улицата “Илија Ристевски” и нејзините краци чекаа повеќе од 60 години.