Адвокатскиот тим на Дарија Трепова, обвинетата девојка за терористичкиот напад во кафулето во Санкт Петербург во кој беше убиен воениот репортер и блогер Владлен Татарски, поднесе жалба против нејзиното притворање, соопшти денеска судот во Москва.
-Судот ја прими претставката на адвокатката на Дарија Трепова за определување притвор како превентивна мерка за осомничената, изјави портпаролката на судот, пренесе Тасс.
Судот во Москва на 4 април и одреди притвор на Трепова до 2 јуни.
Според истрагата, Трепова на 2 април, по упатства од луѓе во Украина, донела статуетка полна со експлозив во кафуле во центарот на Санкт Петербург и му ја дала на воениот известувач и познат блогер Максим Фомин, познат под псевдонимот Владлен Татарски.
Фомин загина во експлозијата, а лекарска помош побараа уште 40 лица.
Рускиот национален антитерористички комитет објави дека терористичкиот акт против Татарски го организирале украинските специјални служби со помош на агенти кои соработуваат со Фондацијата „Алексеј Навални“, која се смета за екстремистичка организација во Русија, а која Трепова ја поддржува.



