По речиси четири месеци одлагања на судењата поради отсуство на поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири, тој дојде во судницата во Кривичниот суд, а судењето почна одново.
Првата причина е поради истекот на 90 дена од последното одржано рочиште, кое се одржа на 15 декември минатата година, а втората е поради промена на член на судечкиот совет.
Зеќири се товари за „злоупотреба на службена положба и овластување“ .
Овој процес беше подолг период во прекин, Одложувањата на низа рочишта беше поради нарушената здравствена состојба на Зеќири. Тој првин самиот ангажира психијатриски вештак за да докаже дека не може да ги следи судењата. Судијката Јанчулева-Михаиловска прати и вештак делегиран од судот за да утврди дали ваквата состојба на Зеќири е вистинита.
До Судот беше доставено стручно мислење на вешто лице – психијатар, според кое заради влошување на психичката состојба на обвинетиот, се препорачува одлагање на судењата во следните три до четири недели.
Судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска побара доказите да не се изведуваат, туку да се прочитаат со цел да не се одолжува постапката, на што обвинетиот се согласи. Набру потоа вторпат му беше побарано да се произнесе дали чувствува вина, на што рече: „Не сум виновен“.
На рочиштето се испитуваше бугарски државјанин, кој во Македонија имал свои фирми, а се поврзува со спорната јавна набавка направена од Зеќири за ангажирање компанија за консултантски услуги. Потоа се испита и вештакот предложен од обвинителката Катерина Коларевиќ.
Обвинителството го товари Зеќири дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000.
На 9 април минатата година на Зеќири му беше одредена мерка притвор, која што поради здравствени причини во јуни годинава му беше заменета со домашен притвор.
Процесот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Катерина Коларевиќ.