Градење објект во заштитени зони и непосредно до плажата и недостиг на законски дозволи, се главните прекршувања откриени на грчкиот остров Миконос, поради кои се уапсени седум лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерствата за цивилна заштита и за животна средина и енергетика со заедничко соопштение информираа дека при контролите на островот биле откриени објекти, без да поседуваат соодветни документи.
Во периодот од 3 до 6 април и од 10 април до вчера мешани тимови од Министерството за животна средина и енергетика и Економската полиција спровеле десет контроли по добиени пријави.
Биле откриени низа неправилности и нелегалности, меѓу кои и изградба на нова двокатна зграда во заштитната зона, на оддалеченост помала од 100 метри од крајбрежјето, без дозвола за градба; ниски градби исто така на растојание помало од 100 метри од морето, без законски документи или со документи со неусогласени податоци со оние што биле пријавени.
Уапсени се пет лица кои ги вршеле градежните работи, како и двајца одговорни.