Хрватската влада во четврток усвои предлог- измена на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, според драстично се зголемуваат износите на казните кои досега се движеа меѓу 20 и 170 евра, пренесува хрватски „Дневник“.
Со предлогот се предвидуваат казни од 700 до 4.000 евра за најтешките прекршоци, меѓу кои и за истакнување симболи и поздрави чија содржина изразува или поттикнува омраза, како и за ширење лажни вести.
Во четвртокот, хрватската владата, исто така, ја прифати Виенската декларација за подобрување на соработката во борбата против антисемитизмот и поттикнување на пријавувањето антисемитски инциденти.
„За одредени прекршоци глобите се зголемуваат за да се приспособат промените и да имаат ефект на одвраќање, но и да се изедначат со казните за слични прекршоци од другите закони“, истакна хрватскиот министер за внатрешни работи, Давор Божиновиќ.
Законот по итна постапка ќе биде доставен до хрватскиот Сабор.
Во групата најтешките прекршоци, за кои се предлагаат казни од 700 до 4.000 евра, се делата на нарушување на јавниот ред и мир со истакнување или носење симболи, изведување, репродуцирање песни, композиции и текстови, слики, цртежи, дрско и непристојно однесување во јавноста со кое се навредуваат граѓаните и се нарушува нивниот мир, како и измислување и ширење лажни вести и, меѓу другото, неовластено пукање со огнено оружје.
Максималната казна со која Хрватска сака да ги дисциплинира граѓаните за да не прават прекршоци против јавниот ред и мир сега може да изнесува речиси четири просечни плати додека според досегашниот закон максималните казни беа 16,7% од просечната плата.
Граѓаните кои имаат малолетни деца треба да бидат особено загрижени за своите финансии бидејќи ако нивното дете направи прекршок против јавниот ред и мир, а се докаже дека тоа е резултат на лошо воспитување или на негрижа, може да платат казна од 700 до 4.000 евра.
Интересно е и тоа што родителите ќе бидат построго казнети ако не го воспитале детето добро отколку ако го поттикнале да направи прекршок бидејќи се предлага родител или старател кој ќе поттикне дете да направи прекршок да се казни со парична казна меѓу 300 и 2.000 евра.