Интегрален текст од прес конференција на Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ
„Вчера Данела Арсовска го потпишала договорот за пречистителната станица на Град Скопје, истиот тој поради кој што го разреши директорот Перински и заради кој што грлато го напаѓаше и фрлаше клевети врз ВМРО-ДПМНЕ.
Со ставањето на потпис на договорот за пречистителна станица, Данела Арсовска стави потпис на признанието дека лажела, манипулирала, лажно обвинувала и дека со лаги се обиде да изманипулира процес за најголемиот и најскап проект за Скопје.
Потсетуваме се работи за истиот договор со Европската инвестициска банка, за проект во којшто потпретседателката на Банката ја демантираше Арсовска со што ги извади лагите на површина.
Сега и Арсовска го потпишува истиот договор со што признава дека, едноставно, лажно го обвини дека влијаел врз тендерската документација и на сила го смени Златко Перински од директорското место во Водовод и Канализација.
Уште повеќе, потсетуваме дека ниту Арсовска коментираше нешто против власта, ниту беа променети членовите на комисијата, како што бараше Арсовска во лажното обвинение!
Ќе потсетам на зборовите на потпретседателката на Европската банка – „ние мора да следиме посебни правила и процедури и вршиме надзор со вонредни и редовни контроли на процесот на оваа јавна набавка, но се мина во добар ред и има зелено светло”!
И Данела Арсовска го потпишува документот!
Сега чии раце се во медот, на Данела, на неформалниот градоначалник и скопски сметководител познат како Книга, или на неформалниот газда на Арсовска СДС?
И се тресеа ли рачињата кога Арсовска го потпишуваше договорот кој што го напаѓаше?
Ќе се извини ли сега Арсовска за клеветите врз Перински, Мицкоски и врз ВМРО-ДПМНЕ?
На виделина излезе лагата, но и вистината за манипулациите.
Данела Арсовска срка од медот заедно со СДС, со ДУИ и со Левица!