Спроведување на амбициозната реформска агенда е вистинскиот пат за враќање на долгорочни стапки на раст во земјава. Фокусот на политиките е насочен кон обезбедување одржливост на јавните финансии, отпорност на шокови, зелена транзиција, дигитализација, воведување иновативни решенија, зајакнување на човечкиот капитал и слично, беше посочено на средбите на министерот за финансии Фатмир Бесими со новата потпретседателка на Светска банка (СБ) за регионот на Европа и Централна Азија, Антонела Басани и извршниот директор на СБ, Кун Давидсe, кои се одржаа во рамки Пролетните средби на СБ и ММФ во Вашингтон.
Приоритетите, како што беше посочено, се дел и од напорите на земјата за зачленување во ЕУ и обезбедување подобар животен стандард за граѓаните и олеснети услови за бизнис.
-Приоритетите кои што се дел од владината реформска агенда се комплементарни со програмите што ги спроведуваме со нашите поддржувачи, ЕУ, ММФ и СБ. Тие се меѓусебно поврзани и имаат крајна цел да обезбедиме инклузивен раст. Тековната Стратегија со Светска банка за периодот 2019-2023 е посветена на поддршка на општинска инфраструктура, изградба на патишта, модернизација на земјоделството, енергетска ефикасност, реформи во социјалниот сектор и основното образование. Приоритетите коишто ќе бидат дел од натамошната соработка со Светската банка ќе бидат дефинирани согласно веќе усвоените правила за мерење на резултатите, рече Бесими.
Тој додаде дека со реформата која се спроведува во управувањето со јавните финансии, веќе се воспоставија фискалните правила, кои се однесуваат на нивото на буџетскиот дефицит и јавниот долг, како и индикатори на успешност, односно да се инвестираат парите онаму каде ќе дадат најдобри резултати. Законот за буџети веќе е усвоен. Со Светска банка се работи на воспоставување на новиот Интегиран информациски систем – ИФМИС, кој произлегува од Законот, како и на зајакнување на човечкиот капитал, а за што е изработена Стратегија за развој на човечкиот капитал.
Кризите со кои се соочивме во изминатиот период, како ковид-кризата и енергетската и ценовната криза, според министерот ги детектираа дигитализацијата, вложувањето во човечкиот капитал и енергетиката како области во кои треба да се насочат инвестиции, кои крајно ќе испорачаат подобри економски резултати.
Светска банка во земјава досега има обезбедено техничка и финансиска помош во 65 проекти во вредност од над 2,8 милијарди американски долари. Во моментов се работи на девет проекти во вредност од 404 милиони американски долари. Поддршката во наредниот период ќе биде насочена во одржлив развој на општините, квалитет на воздухот, дигитална економија, како и справување со енергетската криза.
Министерот Бесими во рамки на Пролетните средби на ММФ и СБ, претходно оствари средби со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот директор на ММФ, Пол Хилберс, како и со алтернативниот извршен директор, Лук Дресе. За време на посетата во САД имаше средби во седиштето на ООН, како и средба со претставници на Трезорот на САД.