Италијанските спасувачи објавија дека денеска ги извлекле телата на тројцата студенти од Италија кои биле на обука за планинарски водичи.
Тие исчезнаа вчера во лавина што ги затрупа на француско-италијанската граница.
Нивниот учител и водич успеал да се извлече од лавината и да се приклучи кон тимот италијански спасувачи кои тргнале во потрага по нив. Тој во моментов е во болница, но неговото здравје не е загрижувачко.
Спасувачите го пронашле и телото на францускиот скијач кој загина во истата област по пад.
Францускиот скијач кој скијал надвор од обележаната патека, чиј идентитет не се соопштува, вчера паднал од карпа во провалија и починал.
„Околностите на несреќата се истражуваат, но тој почина по падот“, изјави за „АФП“ Тицијано Тревисан, портпарол на алпската спасувачка служба „Вале д’Аоста“.
Неговото тело е пренесено во италијанскиот ски-центар Курмајер, додаде Тревисан.