Кина го критикуваше полскиот премиер за мешање во нејзините внатрешни работи бидејќи ја поврза војната во Украина со можен кинески напад на Тајван.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки во четвртокот во говорот во Атлантскиот совет, тинк-тенк во Вашингтон, рече дека ако Украина биде поразена во војна со Русија, Кина наскоро може да одлучи да го нападне Тајван.
„На 13 април, полски владин функционер отворено ги спореди прашањата на Тајван и Украина и даде недокажано тврдење дека ако Украина ја загуби војната, Кина ќе го нападне Тајван ден потоа“, изјави портпаролот на кинеската амбасада во Варшава.
„Секој обид да се искористи украинското прашање како изговор за инсинуирање поврзаност со прашањето на Тајван е политичка манипулација со задни намери, неразумно кршење на принципите за почитување на националниот суверенитет и територијален интегритет и флагрантно мешање во внатрешните работи на Кина“, се наведва во реакцијата.
Во последните денови полскиот претседател Анджеј Дуда и премиерот Моравјецки истакнаа дека сојузот со САД е клучен за европската безбедност, предупредувајќи на идејата за „стратешка автономија“ за Европа.