Европската вселенска агенција (ESA) денеска лансираше вселенско летало за да го истражи Јупитер и неговите месечини.
Ракетата „Арианe 5“ беше лансирана од Европското вселенско пристаниште во Куру, Француска Гвајана, утринава во 8:14 часот по средноевропско време, а леталото се одвои од ракетата 28 минути по лансирањето, објави Си-Ен-Ен.
На вселенското летало ќе му бидат потребни осум години да стигне до Јупитер, а кога ќе пристигне во јули 2031 година, ќе помине околу три и пол години во неговата орбита и ќе лета околу три од неговите месечини: Ганимед, Калисто и Европа.
Кон крајот на мисијата, леталото ќе се фокусира исклучиво на орбитата на Ганимед.
Ганимед, Калисто и Европа се покриени со мраз и може да содржат подземни океани кои се потенцијално погодни за живот.
Во меѓувреме, леталото на НАСА, лансирано во 2024 година, се очекува да стигне до Јупитер во април 2030 година и да заврши речиси 50 прелетувања на сателитот Европа.
Двете мисии би можеле да откријат некои од најголемите мистерии за Јупитер и неговите месечини.
Истражувањето на Јупитер започна со мисиите на НАСА „Пионер“ и „Војаџер“ во 1970-тите.