Францускиот претседател Емануел Макрон ќе го потпише законот за пензиската реформа во следните два дена, објави ТВ БФМ. Уставниот суд на Франција го одбри зголемувањето на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години и го одби барањето за референдум за ова прашање.
Доколку Макрон го потпише законот, првите мерки од пензиската реформа ќе стапат на сила на 1 септември 2023 година.
Работничките синдикати апелираа до Макрон да не го потпишува законот. Водачот на синдикатот, Софи Бине, рече дека ако Макрон го потпише законот, ниту еден синдикален лидер нема повторно да преговара со него.„Ги повикувам работниците да ги засилат штрајковите низ државата“, изјави вечерва Бине, по објавувањето на одлуката на Уставниот суд. Покрај синдикатите, и опозицијата предупреди дека нема да попуштат и апелираа до Макрон да не го потпишува законот.Демонстрантите се собраа вечерва пред градското собрание на Париз носејќи транспаренти на кои пишува „нема крај на штрајковите додека не се повлече реформата“.На улиците околу Уставниот суд беа поставени барикади, а во близина беше распоредена полиција во полна опрема, во случај на натамошни насилни протести. Во Лион полицијата употреби солзавец против демонстрантите.Пензискиот систем е камен-темелник на францускиот модел на благосостојба, а синдикатите велат дека парите може да се најдат на друго место, вклучително и со посилно оданочување на богатите, пренесе „Ројтерс“.