Брејк на Клиперси во Аризона и на Мајами во Милвоки, Денвер рутински, Хачимура и Ривс херои на Лејкерси

Лос Анџелес Клиперс поведе со 1:0 во победи во плејоф серијата против Феникс санс, нанесувајќи им го првиот пораз на Сонцата во меч во кој за нив настапува Кевин Дурант. Дурант по размената со која пристигна во тимот од Аризона, одигра осум меча за Феникс и на сите Сонцата славеа, сè до утринава кога Клиперси беа подобри со 115:110.

Во отсуство на Пол Џорџ кој ќе ја прескокне серијата со Феникс, блескаше Каваи Ленард со 38 постигнати поени, а добра партија имаа и Ерик Гордон со 19 и Ивица Зубац со 12 поени и 15 скока.
Клучна улога во победата на Клиперси одигра Расел Вестбрук кој, иако имаше очаен шут 3 од 18, во последната минута од мечот реализира две слободни фрлања, имаше блокада над Девин Букер и потоа постигна поени во контра со кои неговиот тим отиде на плус три на десетина секунди до крајот на средбата.

Најдобар кај Феникс беше Кевин Дурант со 27 поени, 11 асистенции и 9 скока, а Девин Букер даде поен помалку.

Силен старт на плејоф серијата имаше Денвер нагетс кој со 109:90 ја совлада Минесота тимбервулфс. Најдобриот тим на Западот постојано го контролираше резултатот, во втората четвртина за прв пат дојде до двоцифрена предност, а дилемите околу победникот ги разрешија во третата четвртина кога дојдоа до 29 поени предност (87:58).

Никола Јокиќ имаше дабл-дабл од 13 поени и 14 скока, а реализаторската улога им ја препушти на Џамал Мареј кој даде 24 поени и на Мајкл Портер јуниор со 18 поени.

ЛА Лејкерс направи брејк во серијата со Мемфис гризлис откако со 128:112 славеше на првиот меч кој се играше во „Федекс форум“. Клучен момент за триумфот беше серијата од 15:0 на Лејкерси во последните минути од средбата, а работата им ја олесни Џа Морант, кој во третата четвртина заработи повреда на дланката.

Херои на Лејкерси се Руи Хачимура и Остин Ривс кои погодуваа кога беше најпотребно, посебно во последната четвртина. Ривс постигна дури 14 од своите 23 поени во последната четвртина, додека Хачимура мечот го заврши со 29 постигнати поени.

Важна победа на гостински терен извојува Мајами хит кој со 130:117 го совлада Милвоки бакс. За жал, натпреварот го одбележаа повредите на Џанис Антетокумбо и Тајлер Хиро кои ја напуштија играта во првото полувреме.

Ѕвездата на Бакс го повреди грбот при пад во првата четвртина. Беше фаулиран од Кевин Лав, а Антетокунмпо изведе слободни фрлања и потоа отиде во соблекувалната. Се врати во продолжението, но само накратко за повторно да го напушти паркетот во втората четвртина.

– Рендгенот беше чист, но ќе ја следиме неговата состојба и ќе видиме како ќе се чувствува деновиве, изјави по натпреварот тренерот на Бакс, Мајк Буденхолцер.

Од друга страна, познато е дека Хиро претрпел потешка повреда. Првичните информации укажуваат дека играчот на Мајами ја скршил десната рака откако постигна 12 поени за нешто помалку од 20 минути на паркетот.

Треба да знаете
Последни објави