Европскиот парламент пред конечна одлука за визната либерализација за Косово

Европскиот парламент денеска треба да го заврши процесот на одлучување за визната либерализација за граѓаните на Косово, пренесува Радио Слободна Европа.

На последното во синџирот гласања што почна на почетокот на годинава се очекува европските претставници на денешната пленарна седница да гласаат за одобрување за укинување на визниот режим за Косово.

Со гласање во ЕП и потпишувањето на правниот акт се завршуваат сите релевантни процедури за укинување на визниот режим. Одлуката за визна либерализација стапува во сила со нејзиното објавување во „Службениот весник на Европската Унија (ЕУ)“, кое следува 20-ина дена подоцна.

По гласањето во Европскиот парламент, в среда, 19 април, ќе се одржи церемонија за потпишување на правниот акт, на која ќе присуствуваат претставници на ЕП и на Советот на министрите на ЕУ – двете европски институции што одлучуваат за визна либерализација и одобруваат укинување на визниот режим за една земја.

Граѓаните на Косово сепак ќе треба да го почекаат почетокот на следната година за да уживаат во безвизниот режим со европските земји во шенген-зоната.

Според одлуката усогласена во декември минатата година, визниот режим за Косово ќе биде укинат паралелно со функционирањето на информацискиот систем ЕТИАС, но најдоцна до 1 јануари 2024 година.

Кога одлуката беше договорена, се сметаше дека системот ЕТИАС ќе профункционира на 1 ноември 2023 година, но сега е извесно дека операбилноста на системот ќе биде одложена до крајот на следната година.

Европската комисија препорача укинување на визниот режим со Косово уште во 2018 година, но политичката одлука беше заложник на внатрешните проблеми во некои земји членки на Унијата.

По неколкугодишен застој, прашањето за визите повторно заживеа кога во пресрет на руската агресија врз Украина ЕУ презеде неколку позитивни чекори кон регионот во обид да ги намали руското влијание и последиците од војната.

Така, Брисел одлучи да ги отвори пристапните преговори со Македонија и Албанија и да ѝ додели кандидатски статус на Босна и Херцеговина, па во овој контекст заживувањето на процедурата за визна либерализација за Косово беше следниот логичен чекор.

Со укинувањето на визниот режим Косово им се приклучува на соседите во регионот, чии граѓани повеќе од една деценија уживаат во слободата на движење.

Македонија, Србија и Црна Гора немаат визен режим од декември 2009 година, а Албанија и Босна и Херцеговина се префрлија на т.н. бела шенген-листа во декември 2010 година.

Процесот на либерализација со Косово траеше најдолго во споредба со другите земји од Западен Балкан.

Во средината на процесот, во 2016 година, Европската комисија додаде уште еден услов поврзан со ратификацијата на границата со соседна Црна Гора, а во 2018 година ЕК заклучи дека Косово ги исполнува сите услови и побара од земјите членки на ЕУ да ја одобрат визната либерализација.

Земјите членки на ова одговорија дури на крајот на 2022 година кога почнаа процедурите за носење на конечната одлука.

Треба да знаете
Последни објави