По повод Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети денеска влезот во сите музеи и археолошки локалитети во земјава ќе биде слободен.
Од Министерството за култура очекуваат голем одѕив кај јавноста затоа што, како што посочуваат, македонската култура и уметност имаат светско археолошко богатство кое вреди да се погледне, почувствува и чува.
Отворени ќе бидат вратите на заводите и музеите во Битола, Штип, Охрид, Прилеп и Струмица, на Стоби и Хераклеа, Спомен-куќата на Тоше, Археолошкиот музеј, Националната галерија со сите свои објекти, Музејот на современата уметност, Музејот на македонска борба, Историскиот музеј во Крушево, Уметничката галерија во Тетово, „Д-р Никола Незлобински“ во Струга, Музејот на Западна Македонија во НОВ, во Кичево, Музејот на Тетовскиот крај, музеите во Куманово, Гевгелија, Природно-научниот музеј, Музејот на Северна Македонија.
![](https://mia.mk/articles/images/%D0%B1%D0%B5%D1%81%D0%BF%D0%BB%D0%B0%D1%82%D0%B5%D0%BD%D0%B2%D0%BB%D0%B5%D0%B7%D0%B2%D0%BE%D0%BC%D1%83%D0%B7%D0%B5%D0%B8%D1%82%D0%B5%D0%B8%D0%B0%D1%80%D1%85%D0%B5%D0%BE%D0%BB%D0%BE%D1%88%D0%BA%D0%B8%D1%82%D0%B5%D0%BB%D0%BE%D0%BA%D0%B0%D0%BB%D0%B8%D1%82%D0%B5%D1%82%D0%B8UMsvU/VFvvdYaNl/large.webp?use_watermark=0)
Светскиот ден на спомениците и археолошките локалитети, прогласен од ИКОМОС, а прифатен од УНЕСКО, се одбележува во целиот свет. Секоја година темите се актуелни и се однесуваат на подигање на свеста на јавноста за значењето на светското културно наследство, заштитата, чувањето и афирмацијата на непроценливото богатство откриено преку археологијата. Годинава, фокусот е на темата „Промените на културното наследство“, која ги опфаќа прашањата за културното наследство кои се отвораат со климатските промени.