Вечерва ќе бидат комплетирани полуфиналните двојки во фудбалската Лига на шампионите со одигрувањето на реванш четвртфиналните дуели Интер – Бенфика (2:0 прв меч) и Баерн Минхен – Манчестер сити (0:3). Интер и Манчестер сити имаат големи шанси да им се приклучат на Милан и Реал Мадрид, кои синиќа ја завршија успешно својата мисија во елитното клупско натпреаврување.
„Граѓаните“ имаат голема предност од 3:0 против Баерн, па иако гостуваат во Минхен, ретко кој очекува пресврт од Баварците. Победникот од овој двомеч во полуфиналето ќе излезе на мегдан со актуелниот европски шампион и рекордер со освоени титули Реал Мадрид..
-Ќе се фокусираме на она што треба да го направиме. Прво ќе се обидеме да постигнеме гол, и секако дека доаѓаме да победиме. Не ја разбирам логиката да дојдеме овде и да се браниме?! Доаѓаме овде да играме 11 на 11 натпревар, секако дека се надевам на позитивен резултат, изјави Гвардиола, тренерот на Сити.
Тој истакна дека е свесен колку е силен Баерн, но додаде дека Манчестер сити нема да се брани.
-Мораме да размислуваме за нашата игра, бидејќи еден од најдобрите европски клубови ќе биде против нас. Сепак, сакаме да ја наметнеме нашата игра, која може да ни донесе победа, изјави Гвардиола, предупредувајќи дека Баерн е доволно квалитетен за да го елиминира неговиот тим.
-Работев во Баерн и го знам менталитетот на овој клуб. Тоа го гледате насекаде, тоа е во нивна крв. Знаеме дека веруваат дека можат да се вратат. Кога сте во ваков клуб, верувате дека се може да се случи. Имав неверојатни моменти овде. Клубот е исклучителен, имам многу, многу пријатели овде – дополни тренерот на „граѓаните“.
Во втората вечерашна пресметка Интер ја пречекува португалската Бенфика со два гола предност од првата средба.
-Мора да се фокусираме на овој натпревар. Нè очекува важен и тежок натпревар. И покрај лошите резултати во Серија А, не играме лошо, изјави тренерот на Интер, Симоне Инзаги.
Победникот од натпреварот Интер – Бенфика ќе се сретне со Милан во полуфиналето на Лигата на шампионите.
-Знаеме дека нашата позиција на табелата во Серија А не е она што го посакувавме, но нашиот единствен фокус е Бенфика. Знаеме дека имаме предност, но мораме да дадеме се од себе против тим кој не бележи добри резултати во последно време, заклучи Инзаги.



