,,Не можам и не сакам на Македонија да ѝ давам совети за така важни внатрешни прашања. Можам само да кажам за хрватското искуство. Ние уште во почетокот на државноста во Уставот внесовме 22 национални малцинства, а со уставниот закон за правата на националните малцинства им дадовме многу широки културни и политички права. И од тоа имавме само корист. Со тоа не само што на противниците на хрватскиот влез во ЕУ им го одзедовме аргументот дека ги дискриминираме малцинствата, туку и придонесовме за интегративноста на хрватското општество. Дали такво нешто е можно и прифатливо за Македонија, ќе мора самите да процените.” вели за Слободен Печат, Иво Јосиповиќ, поранешен претседател на Хрватска.
Македонија стана „жртва“ на преседани во ЕУ, почнувајќи од условот за промена на името. Сега ставот на ЕУ е дека не сака да внесува билатерални спорови, а во минатото Хрватска, на пример, го решаваше спорот со Словенија по влезот во Унијата. Како нашите граѓани тогаш да веруваат во ЕУ на која патем ѝ паѓа кредибилитетот?
– На пријателите од Македонија би им препорачал да сфатат дека правилата на ЕУ едноставно не дозволуваат одлуката за прием да се донесе без општа согласност. Тоа на одделни држави им остава можност да ги злоупотребат таквите правила. Исто така, сакам да кажам, и од хрватското искуство, дека членството во ЕУ, без оглед на слабостите и критиките, е корисно и води кон напредок. По влезот во ЕУ во Хрватска се зголеми поддршката за Унијата и сега е меѓу поголемите во земјите членки. Верувам дека во некое догледно време, како што беше во хрватско-словенечкиот спор, ЕУ ќе најде начини со „софт дипломатија“ да помогне во наоѓањето разумен компромис.
Откако не „поминаа“ бугарските инсистирања за историските прашања, Софија акцентот го стави на прашањата за почитување на правата на Бугарите во Македонија, а за нашата држава спорни се имињата на клубовите, потврдени соработници на нацистите. Како да се излезе од оваа ситуација на постојани обвинувања од бугарска страна?
– Мислам дека станува збор за две прашања што треба да се раздвојат. Независно каков модел на малцински заедници ќе усвоите, секое кокетирање со нацизмот и со рехабилитација на квинслинзите е неприфатливо и мислам дека Македонија лесно ќе ја увери својата јавност, а и Европската Унија дека е легитимно да се отстрани секој симбол кој што го рехабилитира нацизмот. Не е лесно, но најдобро е лидерите на двете земји во добра верба да разговараат за разликите и да најдат праведен компромис.
Кога зборуваме за евроинтеграцијата, го следат ли земјите од регионот хрватското искуство за влез во ЕУ, но од друга страна дали Хрватска го споделува тоа искуство и дали дава доволна поддршка?
– Без оглед која партија е на власт во Хрватска, хрватската надворешна политика секогаш се залагала за европеизација на целиот регион и членство на сите држави во ЕУ. Секогаш имало и спремност за техничка и советодавна помош. Но, да се очекува дека Хрватска може да ги „втурне“ соседите во ЕУ, меѓу кои ја вбројувам и Македонија, без оглед што не делиме граница, ако тие самите не ги исполнат условите за членство, едноставно не е реално. Она што е можно е да дава техничка и секаква друга помош, да се залага за членство на соседите и да се бори да не им се поставуваат нереални и дискриминаторски услови за членство. Сигурен сум дека секоја хрватска влада ќе удоволи на секое барање на Македонија, и не само нејзино, за конкретна помош.
Хрватска веќе 10 години е во ЕУ, а сега е членка и на Шенген и на еврозоната. Кои се најголемите придобивки од тоа кои Вие би ги издвоиле и како ги надминавте партиските несогласувања меѓу власта и опозицијата?
– Хрватска во својата понова историја имала две политички цели за кои имаше согласност на сите релевантни политички фактори, без оглед кој бил на власт. Првата цел беше одбраната од агресијата во деведесеттите години на минатиот век, а втората, членство во ЕУ по 2000 година. Иако во споредба со некои други членки можеме да речеме дека Хрватска нешто побавно ја развиваше својата економија и дека не ги искористивме во целост сите можности што ни ги нуди членството во ЕУ, напредокот на Хрватска е видлив. За пропустите пред сѐ треба да се преиспита сопствената слабост. Тешко ми да замислам како би изгледала денеска Хрватска да не е обемното финансирање од ЕУ и да не сме дел од големиот европски пазар. Да не зборувам за отворањето перспектива за младите луѓе со интегрирањето на Хрватска во европскиот културен и научен простор. Има и проблеми, да. Пред сѐ, станува збор за депопулацијата и „извозот“ на нашата млада, образована и високостручна работна сила во други, побогати земји на ЕУ. Всушност, станува збор за природна и очекувана појава. ЕУ денеска е пазар на трудот во рамките на кој луѓето заминуваат онаму каде што се подобри можностите. Се надевам дека тоа е сепак реверзибилен процес и дека со јакнење на нашата економија и квалитетот на животот, помалку луѓе ќе се одлучуваат на заминување во други држави. Од друга страна, и ние увезуваме работна сила, навистина со пониски квалификации, главно со потекло надвор од ЕУ. Што се однесува до воведувањето на еврото и влезот во Шенген зоната, поддршката за нив е исто така висока, како што е уверлива и поддршката на нашето членство во ЕУ. Морам да кажам дека е големо задоволство да се патува без чекање за проверка на документи или за царински преглед. За нашиот туризам Шенген зоната и еврото се исклучително важни и уште сега видливо влијаат врз годинешната туристичка сезона.