Тик Ток анестезиологот дрогиран одел на работа, но немало дисциплинска комисија да го казни

Освен што снимал и емитува во живо пациенти и колеги на Тик Ток, анестезиологот Ваљон Дервиши од Тетово користел и вулгарни и недолични зборови, се смеел и ги омаловажувал пациентките кои во тој момент биле на гинеколошкото одделение во болнички кревети. Според неофицијалните информации 43 годишниот лекар и претходно непримерно се однесувал. За ова слушнал и министерот за здравство Фатмир Меџити.

Меџити изјави денеска дека, според негови информации, уапсениот анестезиолог од тетовската болница, кој беше приведен откако снимал и емитувал пациенти во живо на Тик Ток, се појавувал на работа под дејство на наркотици.

Ова однесување на анестезиологот не било испитано и санкционирано од причина што во болницата не била формирана дисциплинска комисија.

-Јас добив непотврдена информација за претходно несовесно однесување на лекарот од Тетово, но немаше ништо запишано и претходно не била покрената никаква постапка, дисциплинска или каква било друга – изјави денеска Меџити.
Поради овој случај тој го разреши економскиот директор на тетовската болница.

Што се однесува до анестезиологот, кој е во притвор, Меџити рече дека до сега тој бил толериран од болницата. Тој најави дека лиценцата ќе му биде одземена за седум години, а откако ќе заврши судскиот процес против него, може и доживотно да остане без неа.

-Замислете, немало ниту дисциплинска комисија во таа болница. Не знам зошто. Отсега натаму во Министерството за здравство и со мојот тим, работите веќе нема вака да продолжат. Ќе се решат во ист момент проблемите и најстрого ќе се санкционираат. Поранешниот организациски директор не бил на работа кога се случило тоа и немал редовен работен однос. Веднаш го разрешив. Денес или утре ќе има нов организациски директор. Жалам што тој настан се случи – рече Меџити.

Треба да знаете
Последни објави