Голеадата во Милано без победник, реми и во Минхен- Интер и Сити полуфиналисти на ЛШ

Манчестер сити и Интер се последните учесници во полуфиналето од Лигата на шампионите. „Граѓаните“ ја задржаа предноста од три гола од првиот натпревар одигран на „Етихад“, откако ремизираа на реваншот на „Алијанц арената“ 1-1.

Најдобрата шанса за Баерн Минхен во првото полувреме ја имаше Лирој Сане во 15. минута кој излезе сам еден на еден против голманот на „граѓаните“, но не успеа да ја затресе мрежата на Едерсон. Интересен момент се случи во 18. минута кога Дајот Упамекано доби директен црвен картон, поради старт на Халанд, но по преглед на ВАР тој се спаси, бидејќи Халанд се наоѓаше во недозволена позиција кога ја прими топката.

Во 37. минута Манчестер сити доби пенал, но тој не го реализираше Ерлинг Халанд, а Баварците останаа со било какви шанси за полуфинале.

Сепак, Халанд за промашениот пенал се извади во 57, минута кога направи „кловн“ од Упамекано и донесе водство за својот тим од 0-1. До крајот домаќините успеаја само да израмнат преку Кимих од пенал во 83. минута.

Црвен картон доби и лутиот Томас Тухел кој не можеше да ја прифати елиминацијата на својот клуб.

Градските ривали Интер и Милан ќе играат во полуфиналето од Лигата на шампионите. Откао Милан синоќа си обезбеди место меѓу четирите најдобри, вечерва Интер се радуваше на пласман во следната фаза.

Нераѕурите на свој терен одиграа 3:3 против Бенфика, а ако на овој резултат се додаде и триумфот од 2:0 на првиот дуел одигран во Лисабон, италијанскиот гигант заслужено се најде во полуфиналето.

Голгетерската низа на „Џузепе Меаца“ ја отвори Николо Барела во 14 минута, а Бенфика израмни во 38 минута, па на полувреме се замина со нерешен резултат. Да нема дилеми околу патникот во полуфиналето се погрижија Лаутаро Мартинез кој погоди во 65 минута и Жоакин Кореја во 78 минута. До крајот на дуелот, Бенфика со головите на Антонио Силва и Муса направија да биде чесно простување на португалскиот тим во ЛШ.

Ова нема да биде прв пат Интер и Милан да играат во полуфинале на Лигата на шампиони. Ова всушност ќе биде реприза на полуфиналната пресметка од пред точно 20 години. Во сезоната 2002/03, Милан како домаќин одигра 0:0, а потоа кога Интер беше домаќин, средбата заврши 1:1, па Росонерите се пласираа во финалето, затоа што тогаш важеше правилото „гол постигнат на гости“. Ова правило веќе не важи, што значи дека сега патникот во финалето ќе биде тимот што ќе даде барем еден гол повеќе од противникот.

Треба да знаете
Последни објави