Битиќи: Нова инвестиција од 13,5 милиони евра во Пелагонискиот регион

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи денеска во Битола ја посети компанијата „Бреинчајлд“ специјализирана за производство на спортска опрема наменета за сурфање на водени површини и за параглајдинг.

Како што истакна вицепремиерот Битиќи, „Бреинчајлд“ е новоформирана, прогресивна и амбициозна компанија која својот развој го планира во Северна Македонија, за што потврда е дека во нашата земја имаме атрактивен и стимулативен економски амбиент.

– „Бреинчајлд“ планира основање на две нови компании, од една во делот на производството, а другата фокусирана во активности на истражување и развој, со вкупна вредност од 13,5 милиони евра. Вредноста на планираната инвестиција во производство е 11,5 милиони евра и притоа во наредните пет години ќе се отворат 275 нови работни места, а со проектираната цел за 10 години, да се реализираат вкупно 530 вработувања, додека во делот за истражување и развој се планирани 35 нови работни места, посочи вицепремиерот Битиќи.

За реализација на инвестициите, компанијата „Бреинчајлд“ има обезбедено градежни парцели во индустриската зона Жабени.

– Со реализацијата на оваа инвестиција уште еднаш се покажа дека како држава имаме изградено реален капацитет и услови за поттикнување и реализација на нови инвестиции во делот на реалниот сектор, кои отвораат нови добро платени работни места, нагласи вицепремиерот Битиќи.

Компанијата „Бреинчајлд“ е специјализирана за спортски производи изработени од еколошки одржливи материјали и со користење на најсовремена технологија за производство.

– Како германски граѓанин одлучив да инвестирам во Северна Македонија, затоа што Македонија е во срцето на Европа. Претходно инвестирав во Украина, Азија и Кина. Нашата новосоздадена лабораторија со седиште во Битола ќе примени нови стандарди и ќе има нови работни места, посочи Ралф Хенинг Гросел, менаџер на компанијата и додаде дека сака параглајдинг и учествувал на натпреварите во Крушево и на Галичица.

На прес-конференцијата во Битола беше соопштено дека во моментов во Северна Македонија има портфолио со над 600 компании кои добиле државна помош, од кои 98 отсто се домашни, а само два проценти странски компании.

Треба да знаете
Последни објави