Вардар в недела во рамките од 25. коло на Втората фудбалска лига во Македонија го очекува дирекна пресметка со лидерот Воска спорт во Охрид за позиција која ќе му овозможи враќање во прволигашката конкуренција. Натпреварот е подеднакво важен за двата тима. Воска е прва со 59 бода, три повеќе од второпласираниот Вардар.
Од „црвено-црниот“ табор вечерва информираат дека екипата ќе замине во карантин пред овој меч благодарение на капитенот на македонската репрезентација Стефан Ристовски, поранешен играч на Вардар, а сега член на хрватскиот првак Динамо Загреб. Ристовски ќе ги покрие трошоците за престојот на „црвено-црните“ во карантин во Охрид.
„Фудбалскиот клуб Вардар јавно искажува благодарност до капитенот на македонската фудбалска репрезентација, “вардаровото дете” Стефан Ристовски за несебичната помош и поддршка за својот матичен клуб. Благодарение на неговата помош експедицијата на Вардар ќе замине во карантин пред претстојниот важен натпревар в недела каде во мир и соодветни услови ќе се подготвува за предизвикот кој ги очекува“, соопштија од Вардар.
Претходно тимот од Охрид соопшти дека поради безбедносни причини средбата ќе се игра пред празни трибини. Вратите на стадионот во СЦ „Билјанини Извори“ ќе останат затрворени, на што вардаровите навивачи возвратија дека сепка ќе патуваат во Охрид да го бодрат својот тим.