Русија би можела да го плати имотот на странските компании со специјални обврзници

Руската централна банка би можела да ги исплати странските компании што ја напуштаат Русија во специјални обврзници поврзани со замрзнати руски средства во странство, изјави во четвртокот гувернерката Елвира Набиулина.

Доколку компаниите од „непријателските земји“, кои воведоа санкции против Москва поради инвазијата врз Украина, сакаат да продадат имот во Русија, трансакцијата мора да биде одобрена од комисија на руската Влада.

Руското Министерство за финансии посочи дека таквите трансакции се предмет на строги ограничувања и контрола од страна на централната банка.

Гувернерката Набиулина денеска рече дека размислуваат за план според кој странските компании нема да бидат исплатени во готово, туку во специјални обврзници, поврзани со руски средства, замрзнати во странство.

– Иницијативата треба да се разработи, но во основа тоа може да биде мерка за заштита на руските средства замрзнати во странство, рече Набиулина.

Со санкциите се замрзнаа златните и девизните резерви на Руската Федерација во вредност од околу 300 милијарди долари, информира руската гувернерка.

Во исто време, таа предупреди и на проблемите што ги носи планот.

– Врзувањето на обврзниците со замрзнатите средства може да доведе до откривање на информации за нашите резерви и нивната структура, а тоа не би го сакале, рече Набиулина.

Покрај тоа, тешко е да не принудат да ги издадеме тие обврзници, а исто така е тешко да се принудат странските регулатори да ги „ослободат“ замрзнатите средства, иако сопствениците на обврзниците би биле нивни граѓани“, објасни таа.

Руската централна банка е подготвена да ја разгледа оваа можност, рече Набиулина.

Имотот е замрзнат, но неговиот „јурисдикциски имунитет“ не е оспорен, нагласи таа, додавајќи дека сè уште е отворено прашањето што ќе добие руската централна банка за возврат. 

Треба да знаете
Последни објави