Руски авион случајно испукал ракета кон рускиот град Белгород предизвикувајќи експлозија и оштетувајќи згради

Руски воен авион случајно испукал ракета кон рускиот град Белгород во близина на границата со Украина доцна вечерта во четвртокот, предизвикувајќи експлозија и оштетувајќи згради, јави руската новинска агенција Тас, цитирајќи го Министерството за одбрана.

Регионалниот гувернер рече дека две жени се повредени.

-Додека авионот Сухој Су-34 на воздухопловните сили летал над градот Белгород, дошло до случајно испуштање на авијациска муниција“, соопшти Тасс, објавувајќи ги наводите на Министерството за одбрана.

Министерството соопшти дека некои згради се оштетени и најави дека истрагата е веќе во тек, наведува руската агенција, а пренесува Ројтерс.

Гувернерот на Белгородската област, Вјачеслав Гладков, објавувајќи вонредна состојба, на Телеграм изјави дека на една од главните улици има кратер од 20 метри, без да прецизира што го предизвикало. Оштетени се четири автомобили и четири станбени згради, додаде тој.

Регионот Белгород е еден од неколкуте делови на јужна Русија каде цели како што се складишта за гориво и муниција беа потресени од експлозии од почетокот на руската инвазија на Украина на 24 февруари 2022 година.

Треба да знаете
Последни објави