Борусија Дортмунд е нов лидер во германската Бундеслига откако вечерва „милионерите“ го прегазија Ајнтрахт Франкфурт со 4-0 за да го прескокнат актуелниот шампион Баерн Минхен и да го преземат лидерското место со бод повеќе од Баварците на пет кола до крајот на сезоната.
Дека Дортмунд нема да ја пропушти шансата да го освои врвот откако Баерн загуби од Мајнц со 1-3, беше јасно уште во првиот дел, кога екс-првакот го прегази Ајнтрахт, а сѐ почна со гол на Џуд Белингем во 19-та, па продолжи Дојнел Мален во 24-та, за Матс Хумелс да даде и трет гол во 41-та минута. Мален со својот втор гол во 66-та само стави печат на убедливата победа.
Дортмунд сега е на позиција да го искористи комплетниот хаос во Минхен за да ја прекине децениската доминација на Баерн, чија самодоверба е комплетно разнишана со елиминациите од Купот и во ЛШ, а до крајот на сезонава „милионерите“ ги чекаат гостување кај Бохум во следното коло, домашни мечеви со Волфсбург и Борусија Менхенгладбах, гостување кај Аугсбург во претпоследното коло и домашен меч на крајот со Мајнц.