Долго време Ливерпул го кршеше противникот, Нотингем Форест двапати се враќаше од негатива, но немаше одговор на голот на Мохамед Салах.
„Црвените“ ги победија „Шумарите“ со 3:2, па повратникот во Премиер лигата се уште е претпоследен во поредокот.
Диого Жота двапати му ја донесе предноста на фаворитот, гостите израмнуваа со головите на Нек Вилијамс и Морган Гибс-Вајт.
Долго време Форест имаше одговори за се што направи Ливерпул, можеше и да израмни по голот на Салах во 70. минута, но резултатот на „Енфилд“ повеќе не се менуваше…
Лестер Сити со пресврт го совлада Вулверхемптон со 2:1, освојувајќи важни бодови во борбата за прволигашки спас.
Матеу Куња ги доведе гостите во водство во 13. минута, но „лисиците“ го свртеа резултатот со головите на Келечи Ихеанах (37′-11м) и Тимоти Кастање (75′).
Фулам со идентичен резултат 2:1 го победи Лидс Јунајтед, забележувајќи ја втората последователна победа.
Сите три гола дојдоа во вториот дел од натпреварот. Фулам поведе во 58. минута со голот на Хари Вилсон, а Андреас Переира во 82. минута зголеми на 2-0. Патрик Бамфорд им даде трошка надеж на гостите на десет минути пред крајот на натпреварот.
Скромен настап имаа Кристал Палас и Евертон кои одиграа 0-0, додека Брентфорд и Астон Вила ремизираа 1-1.
Арсенал е во водство со 75 бодови, пет повеќе од Манчестер Сити кој има два меча помалку.
Со победата Лестер ја напушти безбедносната зона, а последните три места кои водат во пониските рангови на натпреварувањето сега ги држат Евертон, Нотингем Форест и Саутемптон.