Актуелниот фудбалски првак на Македонија, тимот на Шкупи не ја искористи шансата да му се доближи на лидерот Струга ТЛ во завршницата за првата позиција. Чаирчани во Кавадарци против домаќинот Тиквеш (0:0) освоија само бод и на пет кола останаа седум бода за Струга ТЛ која во 28. коло од мак-сцената беше слободна.
Во дербито за бекство од дното Скопје и Академија Пандев ремизираа на Автокоманда со по еден гол во мрежата (1:1). Струмичани ја задржаа предноста од четири бода пред тимот од Автокоманда кој е се поблиску до баражот за опстанок. Ване Крстевски после 89-на секунди ги изненади скопјани со гол од првиот шут во првиот дел во кој Академија Пандев беше подобра, но Скопје заигра далеку подобро во вториот и Азер Омерагиќ израмни во средина од вториот дел.
Работнички очекувано победи во Прилеп кај Победа со 1:0 со гол на Кире Маркоски за прилепчани да направат уште еден чекор поблизу до Втората лига, а Силекс ја совлада Македонија ЃП со 1:0 со гол на Филип Манасиевски и направи голем чекор кон четвртото место кое може да донесе излез во Европа.
ПРВА ЛИГА, 28. КОЛО
Скопје – Академија Пандев 1:1, Победа – Работнички 0:1, Силекс – Македонија ЃП 1:0, Тиквеш – Шкупи 0:0. Вчера: Брегалница – Шкендија 0:1. Слободна беше екипата на Струга ТЛ.
ТАБЕЛА: Струга ТЛ 53 бода, Шкендија 50, Шкупи 46, Силекс 43, Брегалница 37, Македонија ЃП 33, Тиквеш 31, Рабонички 31, А. Пандев 23, Скопје 19, Победа 13