Индија ја престигна Кина како најнаселена земја во светот, според проценките на Обединетите нации, што е најзначајната промена во глобалната демографија досега.
Според проекциите на ОН, кои се пресметуваат врз основа на различни фактори, вклучувајќи ги и податоците од пописот и стапката на наталитет и смртност, Индија сега има население од 1.425.775.850 жители, што ја надминува Кина за прв пат, пишува Гардијан.
Тоа е, исто така, прв пат од 1950 година, кога ОН првпат почна да води глобална евиденција за населението, Кина да биде турната од првата позиција.
Намалувањето на населението во Кина е резултат на децениските строги закони за контрола на зголемениот наталитет во земјата, вклучително и воведувањето на политиката за едно дете во 1980-тите.
Тие вклучуваа казни, принудни абортуси и стерилизации. Иако првично беше многу ефикасна во контролата на населението, оваа политика стана жртва на сопствениот успех, а земјата сега се бори со стареењето на населението, што може да има сериозни економски импликации.
Дел од проблемот е што поради традиционалната предност за момчиња, политиката на едно дете доведе до огромна родова нерамнотежа. Сега мажите ги надминуваат жените за околу 32 милиони.
„Како може земјата да го зголеми наталитетот сега, со милиони исчезнати жени?“ прашува Меи Фонг, автор на книгата Едно дете.
Населението на Индија порасна за повеќе од милијарда од 1950 година. Иако растот сега е забавен, се очекува бројот на луѓе во земјата да продолжи да расте во текот на следните неколку децении, достигнувајќи го врвот од 1,7 милијарди до 2064 година. Денес, во Индија во просек се раѓаат 86.000 бебиња дневно, наспроти само 49.400 во Кина.
„Претходните проекции велеа дека ќе ја престигнеме Кина во 2027 година, така што тоа се случи четири години побрзо, главно поради нашата млада популација“, рече Пунам Мутреја, извршен директор на Фондацијата за население на Индија.