Митрополитот Петар во вечерашната Топ Тема на Телма најави дека името на Телевизијата, формирана од фирмаат „Преобразба“, чиј сопственик е тој а која доби дозвола за работа и од 1-ви мај треба да почне да емитува програма во етер ќе биде „Вистел“ или вистинска телевизија.
„Нашата телевизија не е свештеничка телевизија, 50 % ќе има забавен карактер, 30% ќе има образовен и документарен карактер. Во образовниот дел имаме ли цркви, манастири кои се распаѓаат а се под заштита како споменици на културата? Треба ли да ги заштитиме?“ – рече Петар.
Во однос на тоа кој ќе ја финансира неговата телевизија, Митрополитот Петар одговори остро:„Тоа да не го интересира никого, бидејќи ни мене не ме интересира, кој вас ве финансира.“
Чисти пари се, не се перени, ниту ќе дозволиме такво нешто, тврди Петар, порачувајќи повторно дека никого не треба да го интересира дали „Преобразба“ има доволно пари да ја финансира телевизијата.
„Луѓето свој леб јадат, туѓо гајле берат. Оставете го гајлето на нас“ – одговори Петар на прашањата кој ќе ја финансира телевизијата „Вистел“.
Тој демантираше дека телевизијата ја прави со Љупчо Палевски.
Петар демантираше дека неговата телевизија ќе се определува и ќе одработува за некого политички.
„Вистинска Телевизија ќе го афирмира нашето културно и македонското богатство што го поседуваме. Кога велам македонско, не мислам само на МПЦ, туку општо македонско наследство. Пристап ќе имаат на нашата телевизија од сите народи во Македонија што се. Ќе има и политичка програма. Во смисла луѓе од политиката што ќе сакаат да гостуваат.“ – вели Петар.
Во однос на шпекулациите дека преку неговата телевизија ќе се шири про-руска пропаганда, митрополитот Петар, негираше дека тој зазема страна во конфликтот и осудува се што не е добро од која и да било страна.
Сепак, Петар одби да ја осуди руската инвазија на Украина:
„Јас не знам за никаква руска агресија. Знам дека тоа е војна меѓу големите сили. Зошто и како, тоа си знаат тие.“