Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски, денеска оствари средба со амбасадорот на Република Италија во Република Северна Македонија, Андреа Силвестри во рамки на одбележувањето на 30 години од воспоставување на дипломатски односи помеѓу двете земји.
„Денеска со италијанскиот амбасадор Силвестри поразговаравме на повеќе теми. Една од главните теми беше изучување на италијанскиот јазик во основните и средните училишта во Општина Куманово. Од негова страна ни беше најавено дека во иднина ќе биде организиран Бизнис форум во организација на Италијанската амбасада за целата држава кадешто секако ќе добие покана и општина Куманово да ја презентира својата индустриска развојна зона Новини и Речици за можни инвестиции од потенцијални инвеститори од Република Италија”, рече Димитриевски.
На средбата, беше дискутирано и на актуелни политички теми, за сето тоа што се случува во државата.
„Ги искажав своите ставови и видувања, а веднаш по состанокот остваривме средба со сите наставници, професори, професорки и директори на училишта кадешто се изучува италијанскиот јазик во основните и средни училишта во нашиот град. Имаме 5 училишта, три основни и две средни, дополнително околу 305 ученици го изучуваат италијанскиот јазик во Куманово. Сега ќе ја проследиме изложбата којашто е во организација на италијанската амбасада, а се работи за еден еминентен и креативен човек од Италија којшто има оставено многу во делот на архитектурата на Италија. Верувам дека врз база на оваа изложба и ние ќе извлечеме заклучоци и можеби во иднина ќе имаме такви творци што ќе создават нови дела”, изјави Димитриевски.