Пендаровски го додели Признанието за придонес на припадниците на дијаспората

Претседателот Стево Пендаровски го додели Признанието за придонес на припадниците на дијаспората.

Добитници на признанието се Софи и Митре Кутановски од Соединетите Американски Држави, а истото им се доделува за нивниот придонес во поттикнување на економскиот развој на селото Радожда и регионот, како и за продолжување на програмата „Атанас Близнакоф” и стипендирање на стотици студенти од социјално ранливите групи.

Признанието за придонес на припадниците од дијаспората се доделува за прв пат годинава под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, а е востановено од Македонија 2025 огранок во Република Македонија.

Признанието се доделува на истакнати личности од дијаспората за нивниот придонес во зачувување и афирмирање на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности, како и јакнење на државните капацитети, како во земјава така и во странство.

Почитувани гости,

Драги пријатели,

Денес сме собрани за еден навистина убав повод. Имено, за прв пат ќе го доделиме Признанието за придонес на припадниците на дијаспората. Ова признание кое е востановено од Македонија 2025,  го вреднува придонесот на припадниците на дијаспората кои индивидуално, или преку нивните организации дале значаен придонес кон економскиот и општествениот развој, образованието, научно-истражувачката работа, волонтерството, културата и уметноста во Република Северна Македонија.

Длабоко сум уверен дека станува збор за извонредно значајна инцијатива која ќе ги продлабочи врските на македонската дијаспора со својата матица и во тој контекст би сакал да потенцирам дека ми претставува особена чест и задоволство да бидам покровител на ова признание.

Меѓу Македонците во дијаспора има навистина бројни примери на личности кои својот живот го имаат посветено на просперитетот и развојот на својата татковина. Иако просторно оддалечени, нивните мисли  и срца секогаш биле и секогаш се во и со родната грутка. Секогаш скромни и речеси незабележливи, овие големи луѓе се наоѓаат и во добро и во лошо, не штедејќи време, средства, но, пред се љубов за својата земја и својот народ.

Признанието за придонес на припадниците на дијаспората е едно симболично благодарам, потврда дека нивното дело е препознаено и вреднувано. Верувам дека не постои награда што може во целост да го валоризира нивниот придонес и влог во развојот на нашата земја, но верувам дека ова признание ќе биде траен белег за нивната значајна улога во развојот и напредокот на Македонија.

Очекувам, се надевам ова признание да биде и дополнителен поттик и мотивација за припадниците на македонската дијаспора да продолжат да ги одржуваат врските со својата прва татковина и активно да учествуваат во нејзиниот развој и напредок. Знаеме дека во време на дигитални медиуми, на социјални мрежи и глобализиран свет, врските меѓу луѓето се воспоставуваат многу полесно, иако, актуелните потреби и предизвици на времето се различни од порано и се разбира, се далеку покомплексни.

Почитувани,

Македонија 2025 веќе 16 години е во функција на поддршка на македонските граѓани, македонските компании и инвеститори. Станува збор за организација која без било каква дилема суштински придонесува за блиски и продуктивни врски на Република Северна Македонија со својата дијаспора.

Македонците кои живеат овде знаат дека постојат многу предрасуди и преголеми очекувања за улогата што би требало да ја има македонската дијаспора во нашиот внатрешен развој. Знаеме, исто така, дека се присутни и стереотипи кај Македонците во дијаспората во однос на однесувањето и очекувањата од нивните сонародници во татковината.  Токму затоа е посебно значајна улогата на организациите како Македонија 2025 кои покрај отворањето на патишта за зближување и комуникација, нудат и конкретни тренинзи, обуки и модули за меѓусебна соработка на Македонците независно од тоа каде живеат.   

Ја користам оваа прилика да истакнам дека сум почестен што имам можност неколку години во континуитет да соработувам со Македонија 2025 на неколку различни проекти и иницијативи. Токму денес организиравме и  конференција на тема: „Традиционалните индустрии и креативните сектори испречени на патот на економска криза”.  Веќе неколку години сум покровител на Кампот за високотехнолошка извонредност што го организира Македонија 2025. Верувам дека доделувањето на Признанието за придонес на припадниците на дијаспората ќе биде дополнување во долгата низа на примери на успешни проекти и успешно реализирана меѓусебна соработка и партнерство. Немам дилеми дека Македонија 2025 ќе продолжи и понатаму посветено да ги реализира своите проекти и програми.  

Пред да преминеме на доделувањето на признанието дозволете уште еднаш да се заблагодарам на Македонија 2025, но и на сите други организации кои ја преставуваат македонската дијаспора, како и на сите припадници на дијаспората кои индивидуално дејствуваат, за сета досегашна помош и поддршка и, се разбира, да посакам уште поинтензивна и попродуктивна соработка меѓу нас и во годините што доаѓаат.

Треба да знаете
Последни објави