Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници на Младинското здружение на глуви и наглуви „Млад Знак”, Скопје.
На средбата членовите на здружението информираа за тековните активности и иницијативи во насока на остварување на основните човекови права на лицата чие основно средство за комуникација е знаковниот јазик. Во таа насока ги нагласија сè уште присутните бариери со коишто се соочуваат при вклучувањето во општествените процеси, особено ограничениот пристап кон здравствените услуги, како суштински предизвик којшто наложува сеопфатни трајни решенија.
Претставниците на „Млад Знак” упатија благодарност до претседателот Пендаровски за неговиот личен придонес во подигнувањето на јавната свест и афирмацијата на правото на знаковниот јазик.
Изразувајќи поддршка на заложбите на младинското здружение претседателот Пендаровски ја потенцираше важноста од институционалната проактивност и индивидуалната одговорност, како клучни предуслови за достоинствен живот на секој граѓанин.