Темелковски: Функцијата не смее да се злоупотребува за лични пресметки со врвните спортисти

Голманот на повеќекратниот македонски и двократен европски ракометен првак Вардар, Борко Ристовски кој е на залезот од својата богата кариера заработи драконска казна од четири години забрана да се занимава со спорт ! На 40-годишниот чувар на мрежата казната не му ја одмери клубот, матичната федерација, туку Македонскиот олимписки комитет (МОК) !?

Ристевски кој покрај Вардар и Металург во славните денови ги бранеше и боите на европските великани на ракометната европска сцена: Барселона, Рајн Некар Левен, Бенфика, Гумерсбах, Лемго… а со репрезентацијата на Македонија во 2012 година на ЕП во Србија го постигна најголемиот успех со освојувањето на петтото место, по што го доби прекарот „министер за одбрана“ од армијата навивачи, во „пензија“ ќе биде испратен неславо. Не за спортски престап на терените, туку за настап на тв-екраните ! Искажал несогласувања со првиот човек на МОК, Даниел Димевски кој во настапот на Ристовски како соработник за прашања од областа на спортот на лидерот на опозициската политичка партија ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицковски, препознал навреди, невистини, лаги, неточни информации… искажани на негова адреса и го пријавил пред своите „дисциплинци“, а тие побрзаа да му ја скројат „капата“.

Овој настан допрва ќе отвора дебати. Ристовски има рок од осум дена да поднесе жалба за ваквата изречена дисциплинска санкција. Во очекување да се огласи казнетиот Риствски, кој за утре најави прес-конференција, почнаа да го креваат гласот спортисти, спортски функционери…

Меѓу првите за ваквиот неспортски потег гласот го крена и поранешниот кошаркар и прв човек на Македонската кошаркарска федерација Зоре Темелковски.

-Можеме да го сакаме или не Борко, но тој е ракометна македонска легенда. Од тие причини сакам да бидам чесен и објективен како поранешен спортист и спортски работник што не ме остава во целата оваа „приказна“ да останам настрана. Ако човек се прифати да извршува јавна функција, треба да биде свесен дека ќе биде изложен на критика, основана или неоснована, бидејќи секој има право на свое мислење и ставови. За јавно изговорените неоснованите навреди, лаги… постојат судови. Функцијата претседател на МОК не смее да се злоупотребува за лични пресметки со врвните спортисти. Наместо промотор на спортот и спортистите МОК удира по легендите кои ги немаме многу. Претседателот на МОК кој никогаш не играл спорт, а со помош на политичките пријатели стигна до позиција на моќ за да одлучува кој смее, а кој не смее да игра спорт, ми наликува на неговиот севернокорејски колега. Затоа се сомневам за подлабока позадина во која се сака да се фрли ракометот на колена и под целосна контрола на МОК. За да не ни се случуваат вакви чудни нешта во македонскиот спорт, време е МОК за првпат во самостојна Македонија да добие лидер спортист, а не политичар, категоричен е Зоре Темелковски.

Треба да знаете
Последни објави