Кампањата „Читањето е супермоќ” е инспирација за новиот литературен и ликовен конкурс во организација на издавачката куќа „Арс Ламина”. На овој креативен предизвик, кој ќе трае до 23 мај 2023 година, право на учество имаат сите ученици од основните училишта од целата држава. Тие можат да напишат поетско или прозно дело или да нацртаат цртеж што ќе биде поттикнат од светот на книгите, читањето и литературата.
Победниците бидат соопштени и наградени на посебен настан на почетокот на јуни 2023 година. Наградниот фонд се состои од дипломи и книги обезбедени од „Арс Ламина”.
Tворбитe на тема „Читањето е супермоќ” ги очекуваме на следната е-адреса: konkurs@arslamina.com.
При конкурирањето, учениците треба да ги наведат следните податоци: име, презиме, ментор, одделение/клас и училиште, како и поштенската адреса и телефонски контакт (од родител за помладите учесници).
Главната мисија на кампањата „Читањето е супермоќ”, која издавачката куќа „Арс Ламина” ја спроведува веќе петта година по ред, е поттикнување на читачките навики кај децата. Целите на кампањата се: подигнување на јавната свест за значењето на читањето од најмала возраст и во таа смисла вклучување на колку што е можно поголем број релевантни чинители од сите сфери на нашето живеење, негување на мајчиниот јазик, поттикнување на читањето и унапредување на читачките вештини, понуда на квалитетно поминато време настрана од новите технологии, образовна поддршка преку збогатување на наставната програма и активностите на училишните библиотеки, поддршка на децата со тешкотии во читањето – дислексија – за кои создадовме едиција „Лесно читливи лектири” со соодветен фонд и проред, одобрени од здружението за дислексија „Ајнштајн” и прераснување на „Читањето е супермоќ” во долгорочна, национална кампања.
Оваа година, во соработка со скопските општини, „Арс Ламина” организира серија едукативни презентации за претставниците на основните училишта (директорите, библиотекарите и наставниците) како поддршка на наставната програма со понуда на конкретни методи, алатки и стратегии за поттикнување на читањето. Целта е активно вклучување на наставниците и библиотекарите во унапредување на читачката култура, читачките вештини, усното изразување, когнитивните способности на децата. Во рамките на оваа соработка со општините, „Арс Ламина” донира по сто книги (лектири, лектирни читанки, збирки, вежбанки и нагледни средства) во библиотеките на сите училишта што ќе се вклучат во кампањата.